Руте: Русија е најголема и директна закана за нашата безбедност - Москва можеби е гласна, но НАТО е силен
- Русија останува најголема и директна закана за безбедноста на НАТО сојузниците, а рускиот претседател Владимир Путин прибегнува кон се понеодговорна реторика, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на прес-конференција по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата, на кој учествуваше и македонскиот министер Владо Мисајловски.
Брисел, 18 октомври 2024 (МИА) - Русија останува најголема и директна закана за безбедноста на НАТО сојузниците, а рускиот претседател Владимир Путин прибегнува кон се понеодговорна реторика, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на прес-конференција по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата, на кој учествуваше и македонскиот министер Владо Мисајловски.
- Москва можеби е гласна, но НАТО е силен. Во се понеизвесниот свет, од витално значење е да продолжиме да ги модернизираме нашите капацитети и да вежбаме заедно за да ги задржиме нашите конвенционални и нуклеарни сили силни, истакна Руте, додавајќи дека основната цел на нуклеарната способност на НАТО е да се зачува мирот, да се спречи принудата и да се одврати агресијата.
Тој посочи дека на денешното заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри на одбрана станало збор и за операциите на НАТО на Западниот Балкан и во Ирак.
- Во Косово, сојузниците продолжуваат да работат заедно за да обезбедат дека нашата мисија КФОР ги има силите и ресурсите што и се потребни за одржување на безбедно и сигурно опкружување за сите, истакна Руте.
Кога станува збор пак за мисијата на НАТО во Ирак, според Руте. таа продолжува да биде важен придонесувач за стабилноста на земјата и за оспособување на ирачките безбедносни сили за борба против терористичките групи, како дел од напорите на Алијансата за стабилен, безбеден и просперитетен Блиски Исток.
Во однос на Украина, Руте потсети дека НАТО работи на доставување безбедносна помош и обука за земјата, за што формира посебна Команда во Визбаден која треба да стане целосно оперативна во наредните месеци.
- Ние сме на добар пат да го исполниме нашето ветување да и обезбедиме на Украина 40 милијарди евра воена поддршка. Ќе продолжиме да стоиме на страна на Украина, како што стоиме зад правото на секоја нација да живее во слобода, суверенитет и безбедност, рече Руте.
Според него, поддршката за Украина е инвестиција во заедничката безбедност, бидејќи трошоците што би настанале ако му се дозволи на Путин да ги оствари своите цели, би биле многу повисоки од оние што се потребни за поддршка на Украина.
- Борбата на Украина е и наша борба, нагласи Руте.
Тој додаде дека зајакнувањето на одвраќањето и одбраната останува главен приоритет на Алијанса, бидејќи нејзина најсвета должност е гарантирање на безбедноста на една милијарда луѓе.
- Затоа го засилуваме нашиот одбранбен индустриски капацитет, ги зајакнуваме нашите синџири на снабдување, инвестираме во нови одбранбени капацитети и ги користиме новите технологии, рече Руте, додавајќи дека во услови кога синџирите за снабдување се се поранливи, НАТО мора да стане посамостоен и да биде подготвени и способни да одговори на заканите во сите домени и во секое време.
Тој информира и дека министрите договориле нова иницијатива за стандардизација, бидејќи, како што рече, стандардите се клучни за способноста на сојузниците да се борат заедно и за намалување на трошоците за одбрана.
- Како дел од оваа иницијатива, ќе го забрзаме развојот на стандардите на НАТО, ќе ја подобриме стапката на нивната имплементација и ќе го прошириме нивниот опсег за да вклучиме нови иновативни воени капацитети. Мораме максимално да ја искористиме нашата единствена способност да дејствуваме заедно, сите 32 членки, затоа што тоа е она што и дава сила на нашата Алијанса, истакна Руте.
Според него, министрите се согласиле и дека противвоздушната и ракетната одбрана остануваат приоритет на Алијансата, во услови кога Русија повеќекратно го наруши на воздушниот простор на НАТО од почетокот на руската агресија врз Украина, при што последниот случај беше вчера во Романија.
- Дозволете ми да ја изразам солидарноста на НАТО со Романија и да им заповедам на романските власти и Врховната сојузничка команда за Европа за брз и ефективен одговор на овој инцидент. Ќе продолжиме да го зголемуваме надзорот и размената на информации, преку координирање на индивидуалните и колективните одговори, изјави Руте.
Тој потсети и дека од неодамна НАТО значително го зголеми своето присуство на неговото источното крило и ја зајакна воздухопловната мисија за надзор.
- Сојузниците планираат да набават илјадници системи за противвоздушна одбрана и артилерија и повеќе стотици модерни борбени авиони, главно Ф-35 од петтата генерација. Сојузниците купуваат 1.000 ракети „Патриот“ за да ги надополнат своите резерви, додаде Руте. сп/
Фото: НАТО