• понеделник, 23 декември 2024

Руте: НАТО многу сериозно го сфаќа прашањето за безбедноста во регионот на Црното Море

Руте: НАТО многу сериозно го сфаќа прашањето за безбедноста во регионот на Црното Море

Брисел, 18 ноември 2024 (МИА) - НАТО многу сериозно го сфаќа прашањето за безбедноста во регионот на Црното Море, ние сме подготвени да го одбраниме секој сојузник, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте по средбата со романскиот премиер, Марсел Колаку во седиштето на алијансата во Брисел.

-Разговаравме за заштитата на романскиот воздушен простор, посочи Руте и ги опиша случаите на руско нарушување на воздушниот простор на земјите од НАТО како опасни, неодговорни и неприфатливи.

Тој додаде дека развојот на капацитетите за воздушна одбрана останува водечка задача за алијансата.

-Војната во Украина ја покажа потребата од силна воздушна одбрана, резимира Руте.

Генералниот секретар истакна дека Романија и обезбедила на Украина систем за воздушна одбрана Патриот, како и домаќин на меѓународен баталјон за засилување на источното крило. Руте додаде дека Романија ја надмина целта за трошоци за одбрана од најмалку два отсто од БДП.

-Разговаравме за важноста на континуираната поддршка за Украина, рече Руте.

Според него, војната во Украина се развива во опасен правец со испраќање севернокорејски сили за поддршка на руските трупи и со помошта што ѝ ја пружија на Москва од Техеран и Пекинг. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан