• сабота, 23 ноември 2024

Рускиот заменик министер за надворешни работи го посети Сеул

Рускиот заменик министер за надворешни работи го посети Сеул

Сеул, 4 февруари 2024 (МИА) - Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Андреј Руденко се сретна со неговиот јужнокорејски колега Чун Бјунг-вон во Сеул на консултации за прашања поврзани со регионалната безбедност и други актуелни теми, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Средбата меѓу Руденко и Чун се одржала во петокот. Двајцата дипломати разговарале за војната во Украина и билатералните дипломатски односи, се вели во соопштението на Министерството.

Чун го претставил „цврстиот став“ на Сеул за прашањето за зголемување на воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг и ја повикал Русија да се однесува „одговорно“.

Покрај тоа, тој побарал од руската страна да соработува со Јужна Кореја со цел да се спречи каква било форма на кршење на правата на јужнокорејските правни и физички лица во Русија.

Руденко се сретнал и со Ким Гун, специјален претставник на јужнокорејското Министерство за надворешни работи за мир и безбедност на полуостровот.

Ким ја повикал Москва строго да се придржува до своите обврски според резолуциите на Советот за безбедност на ОН и веднаш да ги прекине воените врски со Пјонгјанг, кои ја загрозуваат безбедноста на Корејскиот полуостров и Европа.

Рускиот заменик министер пристигна во Сеул во време кога двете земји се во расправија поради коментарите на претседателот Јун Сук-Јол за Пјонгјанг.

Во средата, тој ја опиша Северна Кореја како „ирационална“ и посочи дека таа е единствената земја во светот што ја легализираше превентивната употреба на нуклеарно оружје.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ги критикуваше зборовите на Јун како „искрено пристрасни“. Како одговор, Министерството за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во Сеул за да го изрази својот протест против коментарот на Захарова. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан