• понеделник, 23 декември 2024

Руската опозиција во Берлин ги организира првите антивоени демонстрации во странство

Руската опозиција во Берлин ги организира првите антивоени демонстрации во странство

Берлин, 17 ноември 2024 (МИА) - Руската опозиција, во егзил поради репресија и ослабена од внатрешните конфликти, денеска во Берлин ги организира своите први големи демонстрации во странство против инвазијата на Украина и рускиот претседател Владимир Путин, што ќе биде еден вид тест за нејзиниот политички кредибилитет.

Руските власти систематски го искоренија секое несогласување во последниве години, затворајќи стотици, па дури и илјадници луѓе и оневозможувајќи каква било протестна акција.

Опозицијата, која ја загуби својата водечка фигура во февруари, Алексеј Навални, кој почина под неразјаснети околности во затворот, беше лишена од средствата да дејствува во Русија и затоа беше принудена да го рестартира движењето од странство.

Маршот во Берлин, каде има голем број руски прогонети и опозиционери, ќе се одржи денеска во 14 часот во центарот на градот, со план да заврши пред руската амбасада.

Маршот го организираат тројца истакнати опозиционери, Јулија Навални, вдовицата на Алексеј Навални која го презеде раководството на неговото движење, Илја Јашин, поранешен градски советник во Москва неодамна ослободен од затвор и Владимир Кара-Мурза, долгогодишен критичар на Кремљ кој преживеа затвор и два обиди за труење.

-Маршот има за цел да ги собере сите оние кои се противат на агресивната војна на Владимир Путин во Украина и на политичката репресија во Русија, се вели во соопштението на организаторите.

Демонстрантите ќе бараат итно повлекување на руските трупи од Украина, смена на Владимир Путин и негово судење како „воен злосторник“ и ослободување на сите политички затвореници кои се држат во Русија.

Настанот првенствено ќе биде значаен како тест за руската опозиција, толку ослабена по неколкугодишната репресија, смртта на Алексеј Навални и неколку неодамнешни сериозни внатрешни конфликти.

Последните големи собири на поддржувачи на опозицијата во Русија собраа илјадници луѓе спонтано и покрај ризиците, за време на погребот на Навални во март 2024 година и на почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Десетици илјади Руси, исто така, демонстрираа во јануари 2021 година во многу градови низ земјата по апсењето на Навални по неговото враќање во Русија. Тие демонстрации беа разбиени од полицијата и илјадници луѓе беа приведени.

Јулија Навалnа во средата во интервју за опозициската телевизија Дожд призна дека нема план да доведе до пад на Путин и да ја запре војната. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан