• вторник, 24 декември 2024

Русија се повлече од договорот за нуклеарно оружје

Русија се повлече од договорот за нуклеарно оружје

Москва, 25 октомври 2023 (МИА) – Рускиот парламент денеска го заврши гласањето за законот со кој Москва се повлекува од ратификацијата на глобалниот договор за забрана на тестирање на нуклеарно оружје. 

Горниот дом на парламентот, Советот на федерацијата, едногласно со 156 гласа го одобри законот откако претходно едногласно беше усвоен и од Долниот дом на парламентот, Думата. Документот сега ќе оди кај претседателот Владимир Путин на потпишување.

Претходно овој месец, Путин ги повика пратениците да ја воведат промената за да ја „одразат“ позицијата на САД, кои го потпишаа, но никогаш не го ратификуваа Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT). 

Русија наведува дека нема да продолжи со нуклеарно тестирање доколку тоа не го стори и Вашингтон, но експертите за контрола на вооружувањето се загрижени дека тоа би можело да доведе до тест што Западот би го сметал за заканувачка ескалација во контекст на војната во Украина.

Иако никогаш формално не стапи во сила, CTBT нуклеарните тестирања ги претвори во табу - ниту една друга земја, освен Северна Кореја, во овој век нема извршено тестирање што вклучува нуклеарна експлозија. 

Експертите за контрола на вооружувањето велат дека руски или американски нуклеарен тест може да предизвика нова трка во вооружувањето во време на акутна меѓународна тензија, со војни кои беснеат во Украина и на Блискиот Исток. Тие додаваат дека доколку една земја изврши нуклеарна проба, и друга веројатно би го направила истото, а како други кои би го следеле чекорот се наведуваат Кина, Индија и Пакистан.

Си-ен-ен минатиот месец објави сателитски снимки на кои се гледа дека Русија, САД и Кина во последните неколку години изградиле нови капацитети на нивните полигони за нуклеарни тестирања. сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан