• четврток, 07 ноември 2024

Русија и САД разменија остри реплики на состанок на СБ на ОН за Украина

Русија и САД разменија остри реплики на состанок на СБ на ОН за Украина
Њујорк, 31 јануари 2022 (МИА) - Русија и САД денеска остро се спротивставија на состанокот во Советот за безбедност на ОН свикан поради украинската криза во време кога западните земји ги засилуваат дипломатските напори за да се избегне воен конфликт. На маргините на првиот состанок на Советот за безбедност за кризата околу Украина, американскиот претседател Џозеф Бајден во изјава предупреди дека Русија „ќе сноси одговорност и ќе претрпи брзи и остри последици доколку се оттргне од дипломатијата и ја нападне Украина“. Отворен состанок на Советот за безбедност се одржа на барање на САД, а Русија залудно се обидуваше да го спречи, бидејќи 10 од 15-те земји членки гласаа за негово одржување. Тој состанок е „одлучувачка фаза во доведувањето на светот да зборува со еден глас за таа криза“, рече Бајден во својата порака. Рускиот амбасадор во ОН, Васили Небензја, првично го обвини Вашингтон „дека се обидува да создаде хистерија„ и “да ја измами меѓународната заедница со неосновани обвинувања. Неговата американска колешка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, одговори дека распоредувањето на повеќе од 100.000 руски војници долж украинската граница е „најголемата мобилизација во Европа во последните децении“, и додаде дека се зголемил бројот на кибер напади и руски дезинформации. Таа рече дека со распоредувањето војници, Русија ја загрозува „меѓународната безбедност“. „И тие се обидуваат, без да ги поддржат фактите, да ги прикажат Украина и западните земји како агресори за да произведат изговор за напад“, рече американскиот амбасадор. Рускиот амбасадор во ОН ја обвини администрацијата на Џозеф Бајден за ескалација на тензиите и реторика за да предизвика ескалација. „Речиси навивате за тоа“, рече Небензја. „Сакате тоа да се случи, чекате да се случи како да сакате вашите зборови да станат реалност“, додаде тој. Американската амбасадорка ја обвини Москва дека на почетокот на февруари сака да распореди дополнителни 30.000 војници во Белорусија. Небензја и неговиот белоруски колега Валентин Рјабаков изјавија дека ова се заеднички воени вежби што ќе се одржат во февруари. Рускиот амбасадор изјави за новинарите дека Русија има редовни вежби со Белорусија на нивна и на руска територија. Небензја на состанокот на СБ праша врз која основа Западот може да тврди дека има повеќе од 100.000 руски војници распоредени во близина на Украина и потсети дека пред инвазијата на Ирак во 2003 година, Вашингтон исто така тврдеше дека има докази за оружје за масовно уништување во таа земја, што никогаш не е пронајдено. зш/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан