• вторник, 14 јануари 2025

Романија се подготвува за преземање на командата на ЕУФОР

Романија се подготвува за преземање на командата на ЕУФОР

Букурешт, 14 јануари 2025 (МИА) – Романија се подготвува да ја преземе командата над воените сили на Европска Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР). Четири повеќенаменски хеликоптери ИАР-330 веќе се стационирани во базата Бутмир во близина на Сараево, каде е и командата на ЕУФОР. Хеликоптерите се наменети за транспортни операции и медицински евакуации.

Според претходно утврдениот распоред за ротација, должноста командант на ЕУФОР ќе ја преземе романскиот генерал-мајор Флорин-Маријан Барбу на 31 јануари. Генералот Барбу (56) пристигнува во БиХ од позицијата началник за операции на романските вооружени сили.

ЕУ ја презеде мировната мисија во БиХ од НАТО во 2004 година, воспоставувајќи операција наречена Алтеа. Основата на мисијата е мултинационален маневарски баталјон составен од војници од Австрија, Грција, Унгарија, Италија, Молдавија, Северна Македонија, Романија и Турција, додека остатокот од воениот персонал е распореден во 20 канцеларии за врски низ земјата.

Операцијата Алтеа е воспоставена врз основа на договорот Берлин плус меѓу НАТО и ЕУ, кој предвидува распоредување на силите на Алијансата во случај на влошување на ситуацијата на теренот и потреба од директна воена интервенција за зачувување на мирот. Мандатот на мисијата Алтеа се заснова на одлуките на Советот за безбедност на ОН, што се носат еднаш годишно. ми/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан