• среда, 25 декември 2024

Ромалитико со платформа за дијалог меѓу креаторите на политики, донаторската заедница и ромската заедница

Ромалитико со платформа за дијалог меѓу креаторите на политики, донаторската заедница и ромската заедница

Скопје, 8 октомври 2024 

Создавање платформа за сеопфатен дијалог меѓу креаторите на политики, засегнати страни и претсетавници на заедницата за да се подобри интеграцијата на Ромите на национално и локално ниво и да се засили меѓународната поддршка за развој на Ромите е целта на дводневната Национална конференција за имплементација на политиките за инклузија на Ромите во организација на Институтот за истражувања и анализа на политики Ромалитико.

 

На настанот учествуваа претставници на УСАИД, Европската Унија, Светската банка и национални и локални институции кои се фокусираа на адресирање на клучните предизвици и поттикнување на соработка во клучни критични области како што се институционалните реформи, локалниот развој, инклузијата на пазарот на труд, дигиталната писменост и борбата против антициганизмот.

 

Крајната цел на конференцијата е да се идентификуваат бариерите кои го кочат напредокот на инклузија и да се идентификуваат решенија кои ќе придонесат за одржлив напредок на ромската заедница.

 

Елвис Шаќири, извршен директор на Ромалитико, потенцираше дека во изминативе 4 години се воспоставени 19 канцеларии во општини со значителна ромска популација, создавајќи централизирани точки каде што секој Ром и Ромка може да пристапи до услугите и до поддршката која ја даваат теренските соработници.

 

„Овие канцеларии се од витално значење во нашата мисија да ги премостиме празнините во обезбедувањето услуги од страна на државата и да гарантираме дека секој поединец ја има потребната поддршка за да напредува. Преку посветените напори на нашите теренски соработници успешно обезбедивме вработување на над 420 Роми во приватниот сектор. Во образованието, 97 Роми завршија средно основно образование и 560 средношколци добија стипендија. Овие образовни достигнувња се особено клучни за идниот успех и лидерство во заеницата“, рече Шаќири.

 

Значаен успех е постигнат во решавање на проблемот на лицата без документи, во обрзбедувањето социјални станови за 25 семејства,, во поддршка при легализација на домови за 500 поединци и промени во инфраструктурата каде што живее ромско население. Преку 71 акција, заедно со заедницата, општините, донаторите, приватниот сектор, дијаспората и други општествени групи, дадовме поддршка во реконструкција и изградба на 27 патишта со должина од 4.5 километри, 7 канализациони мрежи, осум мрежи улични осветлувања од 15 километри, 13 еко акции каде што го подобривме животниот стандард на повеќе од 36 илјади сограѓани Роми, нагласи Шаќири.

 

„Како Ромалитико го фасцилитиравме процесот за донесување на Националната стратегија за Роми 2020-2030, обезбедивме поддршка за донесување на националните акциски планови и изготвиме 19 локални акциски планови од кои 14 веќе се усвоени од локалните совети“, потврди Шаќири.

 

Фатмир Сабриу, државен секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади во своето обраќање ја акцентираше важноста од креирање инклузивни политики, затоа што преку нив инвестираме во иднината на општеството.

 

„Инвестираме во општество на еднаквост, односно на еднаква шанса за сите, еднакви можности за пристап до ресурси, еднакви услови за развој, ослободени од предрасуди по било која основа. Ние претставниците на институциите, заедно со граѓанскиот сектор имаме одговорна задача - подигање на свеста за значењето на инклузивноста, креирање инклузивни политики и промоција на инклузивноста како единствена опција во општеството. Ромите се важен дел од општеството, затоа што со својата уникатна култура и традиции, имаат значајно влијание на различни аспекти на животот. Нивната интеграција и активно учество во општествените процеси може да донесе бројни придобивки за целото општество“, рече Сабриу.

 

Според него, како држава се подготвуваме и за спроведување зелена и дигитална агенда. Вклучувањето на Ромите во дигиталната агенда води кон зголемување на дигиталната писменост, поддршка на децата Роми во областа на образованието кое се повеќе се дигитализира, поддршка на Ромите на пазарот на труд во смисла на стекнување и користење соодветни вештини поддршка на Ромите претприемачи за дигитализација на нивните дејности.

Институт за истражувања и анализа на политики Ромалитико

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Ромалитико

Остани поврзан