• четврток, 07 ноември 2024

Рејндерс, Берсет и Сар кандидати за нов генерален секретар на Советот на Европа 

Рејндерс, Берсет и Сар кандидати за нов генерален секретар на Советот на Европа 

Брисел, 26 март 2024 (МИА) - Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, донеодамнешниот швајцарски министер за внатрешни работи Ален Берсет и поранешниот естонски министер за култура Индрек Сар се тројцата кандидати за нов генерален секретар на Советот на Европа, соопшти денеска Комитетот на министри на оваа паневропска организација. 

Новиот прв човек на Советот на Европа треба да биде избран од страна на Парламентарното собрание на Организацијата во јуни. 

Рејндерс е еврокомесар за правда од декември 2019 година, на која должност дојде од местото белгиски министер за надворешни работи, функција што ја извршуваше од декември 2011 година во влади на тројца премиери. Пред тоа, од јули 1999 до декември 2011 тој беше министер за финансии на Белгија. Од декември 2018 до ноември 2019 паралелно со должноста шеф на дипломатијата, беше и министер за одбрана. 

Тој веќе беше кандидат за генерален секретар на Советот на Европа во 2019 година, но загуби од актуелната шефица на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ. Рејндерс е член на белгиското франкофонско либерално Реформистичко движење (МР). 

Берсет беше федерален министер за внатрешни работи на Швајцарија од јануари 2012 до почетокот на оваа година, во кој период во два наврати, во 2018 и во 2023 година, беше и претседател на Швајцарската Конфедерација. Берсет е член на Социјалдемократската партија на Швајцарија (СП/ПС). 

Сар, пак, беше министер за култура на Естонија од април 2015 до април 2019 година, по што беше пратеник во естонскиот Парламент до минатата година. За време на пратеничкиот мандат тој беше и член на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Од напуштањето на министерската функција, па до февруари 2022, Сар беше лидер на естонската Социјалдемократска партија (СДЕ). 

Според извори во Европската комисија, засега е не јасно дали доколку биде избран на новата функција, Рејндерс дали уште веднаш ќе го напушти местото еврокомесар или ќе го истурка мандатот до неговиот крај во текот на доцната есен. 

Инаку, актуелниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември. 

Доколку реши да се повлече пред истекот на мандатот, Рејндерс би бил третиот член на Комисијата на Урсула фон дер Лајен кој би го сторил тоа, откако лани извршното тело на ЕУ го напушти еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Марија Габриел за да ја преземе должност бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, а по неа тоа го стори и извршниот потпретседател на ЕК за Зелениот договор и еврокомесар за климатска акција Франс Тимерманс, за да биде кандидат за холандски премиер на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ). сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан