• петок, 21 февруари 2025

Република Кипар се соочува со проблеми во снабдувањето со електрична енергија

Република Кипар се соочува со проблеми во снабдувањето со електрична енергија

Никозија, 19 февруари 2025 (МИА) – Прекинот на работата на одредени блокови поради планирано одржување, дефектите на две станици, но и ниските температури, создадоа проблеми во снабдувањето со електрична енергија во Република Кипар, а како што пишуваат кипарските медиуми во изминатите 24 часа мрежата била зајакната со „проток на струја од окупираните територии“, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролката на Операторот за пренос на електрична енергија на Кипар (ДСМК) Хара Кусиапа за кипарската новинска агенција ЦНА рекла дека следните денови се очекува да бидат тешки во однос на енергетската доволност, поради студеното време кое се очекува да ја зафати земјата од утре.

- Ситуацијата е тешка, побарувачката е на многу високо ниво. Се надеваме дека нема да се појават проблеми, но внимателно го следиме развојот на настаните и ќе донесеме соодветни одлуки, рекла Кусиапа за ЦНА.

Според податоците што ги објавуваат кипарските медиуми, во 10 часот утрово фотоволтаиците произвеле 208 мегавати, а од регуларното производство се 530 мегавати, додека вкупната побарувачка била 744 мегавати, но процените се дека во текот на ноќта ќе надмине 900 мегавати и нема да има поддршка од обновливите извори на енергија.

Дополнително, Република Кипар добила електрична енергија од северниот дел на островот, за што портпаролката на ДСМК објаснила дека станува збор за технички процес што се одвива во рамките на мерките за градење доверба и поради меѓусебното поврзување на двата системи.

- Размената на енергија помеѓу двата системи е обично мала и се одвива поради стабилност на системот, без никаква економска трансакција, посочила портпаролката.

Критичните часови за енергетскиот систем на Кипар се од 18 до 21 часот, кога побарувачката е највисока и нема придонес од обновливите извори на енергија, како што се фотоволтаиците, па Кусиапа апелирала до граѓаните да ја ограничат потрошувачката на електрична енергија во овие часови за да се намали опасноста од прекини.

- Добро би било апаратите што трошат многу енергија, како што се машини за перење и за миење садови, да се користа во часови кога има сонце и доволно енергија од фотоволтаици, нагласила портпаролката на Операторот за пренос на електрична енергија на Кипар. ср/ссм/

Остани поврзан