Реакции поради рускиот масовен напад врз Киев
- Претседателот на Франција, Емануел Макрон го осуди денешниот руски напад врз главниот град на Украина, истакнувајќи оти украинскиот претседател Володимир Зеленски не може да се согласи на примирје додека Русија продолжува со нападите

Скопје, 24 април 2025 (МИА) – Претседателот на Франција, Емануел Макрон го осуди денешниот руски напад врз главниот град на Украина, истакнувајќи оти украинскиот претседател Володимир Зеленски не може да се согласи на примирје додека Русија продолжува со нападите.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека руските напади врз Киев „се прав потсетник дека овде Русија е агресор“.
- Нападите покажуваат колку е важно да се присили Русија на безусловен прекин на огнот, посочи Стармер.
Додека премиерката на Данска, Мете Фредериксен посочи дека руските напади врз Киев јасно покажуваат дека Русија не сака мир.
- Русија повторно брутално го нападна Киев. Јасна порака од Кремљ: Русија нема вистински интерес за мир. За мир не може да се преговара под оган. Данска стои со Украина против ова варварство, наведе Фредериксен.
Претходно и американскиот претседател Доналд Трамп побара да престанат руските напади.
- Не сум задоволен со руските напади врз Киев. Непотребни се и се во многу лош момент. Владимир, ЗАПРИ! Неделно гинат по 5.000 војници. Да го завршиме мировниот договор!, напиша Трамп на „Трут соушл“ (Truth Social).
Русија утрово го нападна Киев со 145 дронови и 70 ракети при што загинаа девет лица, а 70 се повредени.
Поради рускиот напад врз Киев, Зеленски ја прекина посетата на Јужна Африка. Според него денешниот руски напад е „несомнено еден од најтешките и најтешките досега“.
Неименуван претставник на украинската армија изјави дека ракетата која уби девет луѓе била од Северна Кореја. Тој посочи дека била истрелана ракета КН-23, со краток дострел, позната по прецизноста, која може да носи конвенционални или нуклеарни боеви глави.
Претходно, Министерството за одбрана на Телеграм објави дека нападите во текот на ноќта врз Украина биле насочени кон различни објекти на украинската одбранбена инфраструктура.
- Извршен е масовен напад од воздух, од копно и од море … Мети беа украинскиот авијациски и ракетен сектор, вселенската индустрија, фабриките за производство на воена опрема и оклопни возила, како и објекти за производство на ракетно гориво и барут. Целите на нападот се постигнати. Сите цели се погодени, се наведува во соопштението на руското МО. ми/
фото: Икс