• сабота, 21 декември 2024

Рачно изработени еколошки и одржливи производи на македонските дизајнери и занаетчии во „Лабораториум“

Рачно изработени еколошки и одржливи производи на македонските дизајнери и занаетчии во „Лабораториум“

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Накит, модни додатоци, индустриски производи, мебел, дизајнерски производи наменети за деца, но и за домот, кои се рачно изработени, фокусирани на одржливоста, еколошкото и етичко производство, а изработени од 17 дизајнери од земјава, денеска се поставени во центарот „Лабораториум“ во Скопје, во рамки на изложбениот салон „Лаб дизајн маркет“.

Како што изјави за МИА кураторот на „Лаб дизајн маркет“, Драган Христов, се работи за перманентна поставка, односно галерија, која ќе биде отворена за посетители во „Лабораториум“ од вторник до сабота од 12 до 18 часот. Главната цел е да им се даде најдобрата поддршка на дизајнерите и занаетчиите, преку продажбата на нивните производи.

- „Лаб дизајн маркет“ е воедно и заедница на македонски дизајнери и занаетчии, која функционира во склоп на центарот „Лабараториум“. Се работи за систем кој што ќе ги спои дизајнерите и занаетчиите, односно изработувачите и оние кои што го конципираат моделот, односно дизајнот, посочи Христов.

Тој напомена оти се надева дека со овој проект ќе се случи позитивна промена во дизајнерската и модната сцена, како и сцената со моден накит, додатоци и секој вид на производ кој што е одржлив, еколошки и етички направен.

Како што информираше, претходно „Лабораториум“ објави отворен повик, а Комисијата  составена од тројца членови меѓу кои и претставникот на „Fashion revolution Macedonia“ избра 17 дизајнери да учествуваат на изложбениот салон.

-Се надеваме дека бројот на дизајнерите ќе расне, со оглед на континуираните иновации во нивната работа. Генерално, се работи за дизајнери на облека, дизајнери на накит, модни додатоци, мебел, производи наменети за домот. Сите производи се наши, локални, рачно изработени. Не се работи за индустриско сериско производство, туку за рачна изработка која што трае многу долго, рече Христов.

Според Христов, ако постои нешто што би требало да биде препознатливо за македонските дизајнери, и кое ќе не претстави на интернационалниот пазар, тоа е занаетчиството, односно рачната изработка.

-На прв поглед не се гледаат оние наши познати стари знаети или занаетчиски производи, туку се е направено во една нова форма, имаме трансформирани современи производи, додаде Христов.

Марија Милошевска, една од учесниците на овој изложбен салон, која го претставува брендот „Мамка“, посочи дека нејзиниот накит е инспириран од најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка, во светот позната под името „Macedoninan fly“.

-Станува збор за компилација на два занаети - филигран и мушичарење, и ова еден нов поглед кон филигранската техника и експериментирање со нејзе, изјави за МИА Милошевска.

Дизајнерката Евгенија Зафировска која исто така учествува на изложбениот салон, објасни дека нејзините модни парчиња се составени од ткаени парчиња, односно од отпадоци од претходни колекции.

-Јас во моментов сум во Македонија, но живеам во Љубљана веќе 13 години и повеќе сум на таа сцена отколку на нашата. Затоа сега сакав да ја искористам можноста моите блиски и моите соработници да да видат што творам во Љубљана. Моите парчиња се состојат од ткаени парчиња, од отпадоци од претходните колекции. За да немам отпадоци, ги ткаам во нови парчиња. Во изложбениот салон посетителите ќе можат да ја видат пролетната колекција. Интересот е голем, рече Зафировска.бт/ев/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан