• вторник, 26 ноември 2024

Раст на цените на домовите во ЕУ на квартално и намалување на годишно ниво

Раст на цените на домовите во ЕУ на квартално и намалување на годишно ниво

Брисел, 12 јануари 2024 (МИА) - Во периодот јули-септември минатата година цените на домовите во ЕУ се зголемиле за 0,8 отсто во однос на претходниот квартал, а се намалиле за еден процент споредено со истото тримесечје во 2022 година, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат. 

Во рамки на Еврозоната, пак, како што јави дописникот на МИА од Брисел, вредноста на домовите во третиот лански квартал се зголемила за 0,3 проценти споредено со претходното тримесечје, а се намалила за 2,1 отсто во однос на периодот јули-септември 2022 година. 

Во исто време, наемнините за станови и куќи во ЕУ пораснале за 0,8 отсто на квартално ниво, а за три проценти на годишно ниво. 

Во третиот квартал на 2023 година цените на домовите на квартално ниво најмногу пораснале во Полска за 4,5 проценти, пред Романија за 3,4 и Данска за 3,1 отсто. Од друга страна најголем пад на цените на станбениот простор имало во Луксембург за 6,3 проценти, во Финска за 2,7 и во Германија за 1,4 отсто.  

На годишно ниво, пак, домовите најмногу поскапеле во Хрватска за 10,9 отсто, пред Полска за 9,3  и Бугарија за 9,2 проценти, додека нивно најголемо поевтинување има во Луксембург за 13,6, во Германија за 10,2 и во Финска за седум отсто.  

Податоците на Евростат укажуваат дека во последниве речиси деценија и половина висината на наемнините не го следеле трендот на промена на цените на станбениот простор. Така додека во текот на 2010 и првите два квартали од 2011 година имало соодветен раст на наемнините и на цените на домовите, по овој период вредноста на куќите и становите флуктуирала, додека кириите имале тенденција на постојан раст. 

Од третиот квартал на 2011 до првиот квартал на 2013 година забележан е значителен пад на цените на домовите, по што до крајот на 2014 нивната вредност во голема мерка останала непроменета. Од почетокот на 2015, па до третиот квартал на 2022 година цените на куќите и становите бележат зголемување со значително побрзо темпо од растот на наемнините. Во последните три месеци од 2022 и првите три лански месеци вредноста на домовите забележала намалување, по што следеле два квартали на раст. 

Севкупно, помеѓу 2010-та и третиот квартал од 2023 година, цените на куќите и становите пораснале за 48 проценти, а на кириите за 22 отсто. 

По земји, во овој период цените на домовите најмногу пораснале во Естонија и тоа за 210 отсто, пред Унгарија за 185, Литванија за 158, Летонија за 141, Австрија за 123, Чешка за 122 и Луксембург за 107 проценти. Од друга страна, вредноста на куќите и становите се намалиле само во три земји членки на ЕУ и тоа во Грција за 14 отсто, во Италија за осум и Кипар за два проценти. 

Кога станува збор за наемнините, Естонија и тука е на „лидерската“ позиција со нивно зголемување за 218 проценти, пред Литванија за 170 и Ирска за 100 отсто. Единствена членка на ЕУ во која во овој период вредноста на кириите е намалена е Грција и тоа за 20 проценти. сп/ссм/

Фото: Евростат

Остани поврзан