• четврток, 26 декември 2024

Раководството на Сити одржа итен состанок по петтиот последователен пораз

Раководството на Сити одржа итен состанок по петтиот последователен пораз

Манчестер, 24 ноември 2024 (МИА) - Манчестер Сити вчера на „Етихад“ го пречека Тотенхем во дербито од 12. коло на англиската Премиер лига и се обиде да ја прекине серијата од четири последователни порази. Сепак, не успеа бидејќи Тотенхем им нанесе тежок пораз на „граѓаните“ од дури 4:0.

Ова беше петти последователен пораз за Манчестер Сити во сите натпреварувања, најлоша серија во тренерската кариера на Пеп Гвардиола. Парадоксално, само еден ден пред овој натпревар, Гвардиола го продолжи договорот со клубот до летото 2027 година, иако многумина веруваа дека тој ќе го напушти „Етихад“ на крајот од оваа сезона.

По вчерашниот дебакл се шпекулираше за можно заминување на Гвардиола, но со оглед на тоа што новиот договор штотуку е потпишан, тешко е да се замисли дека ќе има нагли промени. Сепак, кризата која го зафати „Етихад“ ги вознемири клупските челници, кои синоќа веќе одржаа состанок за изнаоѓање решение за излез од незавидната ситуација.

Според англиските медиуми, раководството на Сити одлучило да обезбеди значителни финансиски средства за јануарските засилувања. Спортскиот директор на клубот, Уго Вијана, ќе добие одврзана раце да работи со Гвардиола за да состави список на играчи кои треба да го вратат Сити на победнички патеки.

Еден од главните приоритети ќе биде доведување на класичен напаѓач. Ерлинг Халанд моментално е единствената опција на врвот на нападот по летното заминување на Хулијан Алварез во Атлетико Мадрид, и јасно е дека на Сити му треба дополнителна ширина за да остане конкурентен во Премиер лигата и Лигата на шампионите.

Со оглед на необичната ситуација за „Етихад“ досега, јануарскиот преоден рок може да биде клучен за продолжението на сезоната. дс

Фото: Архива

Остани поврзан