• петок, 08 ноември 2024

Работилница за сеизмичка изолација - технолошки достигнувања што можат да спасат човечки животи

Работилница за сеизмичка изолација - технолошки достигнувања што можат да спасат човечки животи

Скопје, 9 февруари 2023 (МИА) - Меѓу првите објекти во европски и во светски рамки при чија градба бил користен методот на сеизмички изолиран, скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, изградени како донација од швајцарската Влада по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, но за континуирана примена на ваквиот софистициран метод за намалување на сеизмичкиот ризик потребно е следење на новите технологии, знаења и одржувања.

Ова го истакна денеска директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов на стартот на дводневната работилницата посветена на сеизмичката изолација, што почна денеска во Скопје во организација на ИЗИИС и Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација (ЈССИ), со поддршка на Амбасадата на Јапонија во земјава.

Сеизмичката изолација е метод за заштита на зграда од јаки земјотреси на тој начин што помеѓу објектот и земја се поставуваат „изолатори“, чија задача е да се намалат вибрациите кои се пренесуваат на градбата при земјотрес. На тој начин со изолаторите се обезбедува како објектот да е во состојба „лебдење“ во воздухот над земјата. Објект изграден според овој метод се нарекува сеизмички изолиран.

Шешов нагласи дека методот на сеизмичка изолација не е едноставен за примена и токму затоа ваквите работилници и размената на искуства ќе придонесат за запознавање на нашите експерти, како во поглед на остручувањето, така и во поглед на технологијата што треба да се применува.

- Спомнавме дека Јапонија е едно од најтрусните подрачја и тие имаат највисоки стандарди, меѓутоа и највисоки професионални етики кога зборуваме за проектирање и изградба на згради, изјави Шешов.

Тој потенцира дека по катастрофалниот земјотрес што се случи во понеделникот во Турција и Сирија, ваквата размена на искуства и знаења ќе придонесат и за подобрување на знаењето и подготвеноста на нашите експерти.  

- Темата на работилницата е навистина многу интересна. Сеизмичката изолација се технолошки достигнувања, коишто и тоа како можат да спасат човечки животи доколку се применат со знаења и тие на некој начин придонесуваат за зголемување на безбедноста и сигурноста на објектите во случај на земјотрес, додаде директорот на ИЗИИС.  

Шешов потенцира дека примената на овој метод не зависи само од расположливите средства, туку се потребни развој, истражувања и на крајот и одржување на сеизмичките изолатори.  

Во однос на сигурноста на градбите во Скопје, Шешов потенцира дека кога станува збор за ова прашање мора да се има предвид дека не станува збор само за новоизградените објекти, туку има и надградби, доградби и нелегални градби за кои нема никаква градежна документација и можат да претставуваат сериозен проблем при силни земјотреси.

- Тоа се работи коишто мислам дека во иднина апсолутно треба да ги подобриме и надминеме и само тогаш можеме да зборуваме за тоа какви ни се реално сите градби во Скопје и во државата, рече Шешов.

Потсетувајќи дека ИЗИИС е институција која што ги контролира градежните проектите и нејзини претставници двапати излегува на технички увид, со што новите градби минуваат низ ригорозни контроли. - Во тие рамки можам да кажам дека се гради добро, истакна Шешов.

Јапонскиот амбасадор Оцука Казуја потенцира дека повод за организирање на работилницата е 60-годишнината од скопскиот земјотрес, но целта не е само да се потсетиме на неговите последици, туку и да се подготвиме за идни можни елементарни непогоди.

- Јапонија и Северна Македонија имаат исти трагични искуства со земјотреси, нагласи Казуја, потсетувајќи на традиционалната соработка меѓу двете земји во сферата на сеизмологијата, како и на улогата на јапонскиот архитект Кензо Танге во обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година.

Амбасадорот изрази сочувство во име на јапонската Влада за жртвите во земјотресот во Турција и Сирија, посочувајќи дека во вакви ситуации особено е важно да се манифестира меѓународната  солидарност со жртвите, па токму во тој правец и Јапонија веќе испратила спасувачки тим во турските реони погодени од потресот.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) во земјава, Армен Григоријан посочи дека ваквите работилници се особено значајни кога се организираат во сеизмичка активни зони како што е Северна Македонија, бидејќи е потребно општествата и институциите да бидат подготвени за евентуални елементарни непогоди.  

Нагласувајќи дека од своето најарни детство има сеќавања за катастрофалните последици од земјотрес во неговата родна Ерменија, Григоријан истакна дека солидарноста е многу важна, особено за жртвите на ваквите елементарни непогоди.

Работилницата започна со едноминутен молк за оддавање почит на жртвите во земјотресите во Турција и Сирија, каде според последните податоци загинаа над 16.000 лица.

На стартот на работилницата, која што е можноста за размена на искуства и пренесување на знаења од јапонски и македонски експерти, учесниците ги поздравија претседателот на ЈССИ, Акинобу Наказава и директорот на Одделот за меѓународни градежни анализи при Министерството за земјиште, инфраструктура, транспорт и туризам ма Јапонија, Хироаки Тојохара.

Организирањето на работилницата за сеизмичка изолација е во рамки на кампањата под мотото „ИЗИИС за Скопје“, што ја организира Институтот по повод 60-годишнибата од скопскиот земјотрес во 1963 година. Покрај, оваа работилница, што се одржува денеска и утре, ИЗИИС ќе организира и други настани со цел да се одбележи трагичниот настан што му се случи на Скопје на 26 јули 1963 година. сп/нд/  

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан