• среда, 25 декември 2024

Путин со декрет легализираше депортација на жители на анектираните територии на Украина

Путин со декрет легализираше депортација на жители на анектираните територии на Украина

Москва, 28 април 2023 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се дозволува депортација на жителите на анектираните украински територии кои одбиваат да земат руско државјанство.

Уредбата беше објавена на 27 април на официјалниот портал за информации за законите, јавува денеска Радио Слободна Европа.

Според декретот, граѓаните кои „изразуваат желба да го задржат постојното државјанство или да бидат без државјанство“, а не стекнале руско државјанство ќе се сметаат за странци од 1 јули 2024 година. Се наведува дека Украинците кои живеат во припоените области мора или да станат руски државјани или официјално да одбијат да го сторат тоа, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Жителите на анектираните територии кои добиваат статус на странци или лица без државјанство и ја загрозуваат „националната безбедност“ на Русија можат да бидат депортирани.

„Оние кои претставуваат закана за националната безбедност, се залагаат за насилни промени во основите на уставното право, финансираат тероризам и екстремистички активности или учествуваат во незаконски активности“, се вели во декретот, може да бидат депортирани.

Дополнително, како странци ќе се сметаат и луѓето кои живеат на окупираните територии на Украина на денот кога тие региони биле анектирани и граѓаните кои претходно живееле на тие територии и се преселиле во Русија, но изразиле желба да го задржат украинското државјанство, се наведува во декретот.

На 30 септември Путин потпиша документ со кој се официјализира обидот на Русија за анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, чии делови се окупирани од руските сили. Пред Путин да го потпише документот, Москва одржа референдуми во четири региони за време на војната, чии резултати беа отфрлени од меѓународната заедница како целосно нелегални.

Четирите региони заедно со полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, сочинуваат околу 20 отсто од територијата на Украина и тие содржат некои од најиндустриските делови на земјата. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан