Протојереј Миле Талески: Оркестрирано се прави „народ“ како во Христовото време кога Пилат на „народот“ му понуди избор: Исуса или Варава
- Очигледно дека „народов“ (го ставам во наводници затоа што секогаш кај поединци и помали групи има тенденција да зборуваат во име на народот) на Фејсов веќе започнале да вршат избор на епископи, пак, своите намери ги оправдуваат со ранохристијански практики кога народот ги бирал епископите заборавајќи притоа, дека таа пракса светите Отци на Црквата со канони ја забраниле, а поради се почестото наместо вистинските Христоносни и достојни луѓе, „народот“ да избира недостојни.

30 мај 2025
Очигледно дека „народов“ (го ставам во наводници затоа што секогаш кај поединци и помали групи има тенденција да зборуваат во име на народот) на Фејсов веќе започнале да вршат избор на епископи, пак, своите намери ги оправдуваат со ранохристијански практики кога народот ги бирал епископите заборавајќи притоа, дека таа пракса светите Отци на Црквата со канони ја забраниле, а поради се почестото наместо вистинските Христоносни и достојни луѓе, „народот“ да избира недостојни.
Ова најчесто се случувало со подбуцнување и хушкање на толпата којашто требало дури и неартикулирано, со многу викање и насилие да ја истера својата желба, како што сега некои во име на „народ“ со протести се закануваат за терање на својата еднострана и неиздржана желба. Ова што сега се прави, секако оркестрирано, зашто повеќе од очигледно е дека не е спонтано и невино, ме врати многу назад во Христовото време кога на народот му беше дадено да избере, имено, кога Пилат на „народот“ му понуди избор: Исуса или Варава? – и народот го избра Варава. На „народот“ не му беше гајле за Праведникот, за Кроткиот, тој, народот беше нахушкан да го избере разбојникот Варава. Верувам дека и светите Отци покрај горчливите примери од свое време, пред да донесат канони со кои го санкционирале изборот на епископи го имале предвид и оној избор на Варава наместо Христос.
Што се однесува, пак, на изборот што го направил Архиепископот, отецот Георгиј когошто го познавам од дете, од школските години во Богословијата, и чијшто подвиг во учителската дејност не е ништо помал од кое било друго служење на Бога и на Црквата Божја, ќе речам, дека е најкроткиот меѓу кротките и најпобожниот меѓу побожните, а со Божја помош ќе биде и богомудар, ревносен и предобар пастир на стадото Христово. Тој е скапоцен бисер скриен во ковчеже на чијашто убавина и сјај сите ќе му се радуваме.
Нека му е честито замонашувањето и јеромонашкиот чин за коишто е достоен, и дај Боже, да ѝ се израдуваме и на неговата хиротонија и устоличување.
Да живееш и да долгоденствуваш отец Георгиј нов светилнику на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва.
(Протојереј Миле Талески)
Фото: МПЦ-ОА