• понеделник, 23 декември 2024

Протест пред Апелација во Белград поради ослободувањето на обвинетите за убиството на Ќурувија

Протест пред Апелација во Белград поради ослободувањето на обвинетите за убиството на Ќурувија

Белград, 5 февруари 2024 (МИА) - Пред Апелациониот суд во Белград денеска ќе се одржи протест поради ослободувањето на обвинетите за убиството на новинарот и уредник Славко Ќурувија.

-Дваесет и пет години по убиството нарачано и организирано од државата и девет години од почетокот на судењето, убиството на Славко Ќурувија останува неказнето кривично дело, а граѓаните на Србија остануваат без правда. Ни го одземаа здивот. Останaвме без зборови. Веќе нема такви зборови што можеме да ги упатиме до судството кое се предаде на сила, се наведува во соопштението кое вчера го испратија медиумските здруженија и синдикатите. 

Фондацијата Славко Ќурувија, Независното здружение на новинари на Србија, Независното здружение на новинари на Војводина, Здружението на медиуми, Здружението на онлајн медиуми, Локалниот печат, Синдикатот КУМ Независност, Здружението на независни електронски медиуми и Здружението на српски новинари го најавија протестот закажан за 14 часот.

-Дојдете, донесете ги пријателите и роднините и донесете огледало – на судството да му го покажеме сопствениот одраз, се вели во соопштението.

Апелациониот суд во Белград во петокот објави дека ја укина првостепената пресуда на Специјалното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград и ги ослободи четворицата обвинети за убиството на новинарот Славко Ќурувија на 11 април 1999 година - Радомир Марковиќ, Милано Радоњиќ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак.

Припадниците на поранешното одделение за државна безбедност претходно двапати беа прогласени за виновни од Специјалното одделение за организиран криминал и осудени на вкупно 100 години затвор.

Новинарот и сопственик на весниците „Дневни телеграф“ и „Европљанин“ беше убиен во 1999 година на улицата Светогорска, со повеќе истрели, а обвинети се тогашниот шеф на Државната безбедност (ДБ) Радомир Марковиќ и тројцата високи функционери на ДБ Милан Радоњиќ, Ратко Ромиќ и неговиот кум Мирослав Курак.. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан