• понеделник, 23 декември 2024

Промовиран универзитетскиот учебник „Антидискриминациско право“

Промовиран универзитетскиот учебник „Антидискриминациско право“

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - На Правниот факултет на УКИМ денеска беше промовирана книгата „Антидискриминациско право“ - коавторски труд на проф.д-р Лазар Јовевски, д-р Жанета Попоска и д-р Јулиус Ростас. Наменета е како учебник за студентите од правните факултети, но и за едукација на пошироката јавност за поимот дискриминација и нејзино превенирање.

Универзитетскиот учебник опфаќа теми поврзани со прашања за (не)еднаквоста, дискриминацијата, мобингот и дискриминацијата во работните односи.

- Генерално, прашања поврзани со аспектите на дискриминаторско однесување во различни сфери од секојдневното живеење. Станува збор за учебник кој е единствен од таков вид во Македонија, но и пошироко во регионот, чија поддршка ја овозможи Советот на Европа, како  и Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, изјави проф. Јовевски, еден од авторите на учебникот.

Како што рече, методологијата на пишување на учебникот е комбиниран пристап на теоретски објаснувања за тоа што е дискриминација, вознемирување, сегрегација и други правни поими, но опфаќа и голем број пресуди од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.

- Голем број пресуди кои се поврзани со македонската и регионалната пракса на спречување и заштита од дискриминација, како и одредени ставови и мислења на  Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на национално ниво, во Македонија. И токму комбинацијата на теоретските начела и практичните пресуди ја прават оваа книга уникатна и, би рекол, ретка, затоа што читателот има, од една страна, претстава за теоретските поими, а од друга страна, во пракса, што се случува доколку се прекрши одредено право кое е меѓународен стандард или национален стандард во однос на еднаквоста, рече Јовевски, раководител на Катедрата по трудово и социјално право на Правниот факултет  на УКИМ.

Пресудите од ЕСЧП во Стразбур се однесуваат на прекршени права од различен вид, а меѓу оние што се наведени како примери во учебникот тој ги посочи пресудите за бремени жени, работници кои се лица со попреченост, Роми...

- Имаме одредени примери кои се директна дискриминација во работните односи и се однесуваат на мобинг, психолошко вознемирување. Ја следиме целата приказна што е стандардот – меѓународен, национален и што се случува во пракса доколку доаѓа до прекршување на овие стандарди. Секоја област е дуално покриена, и со меѓународните и националните стандарди, правни, нормативни, нивно теоретско објаснување и практична примена во однос на тоа што се случува во делот на судските пресуди на европско и национално ниво, истакна коавторот на учебникот. хс/бак/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан