• вторник, 24 декември 2024

Промовирана руската објава на македонскиот роман „Бродот. Конзархија“ од Томислав Османли

Промовирана руската објава на македонскиот роман „Бродот. Конзархија“ од Томислав Османли

Скопје, 24 мај 2024 (МИА) - По повод Денот на словенските просветители, синоќа во Москва беше промовирана новата, руска објава на романот на македонскиот писател Томислав Османли „Бродот. Конзархија“, која е дел од меѓународната едиција „100 словенски романи“. Романот е во превод на преведувачка Олга Панкина, а го објави издавачката куќа Центар за книга „Рудомино” од Москва.

За време на промоцијата, авторот Томислав Османи преку видеоснимка рече дека станува збор за книга која не се базира само на изразувањето на сопственото авторско его, на интимата, тука се обидува да ја опфати и да ја согледа и судбината на современиот свет.

-Станува збор за книга којашто ми донесе голема сатисфакција со оглед на тоа, дека се изразив себеси - сметам на еден начин којшто, еве, барем мене како автор ме задоволува: не се базира само на изразувањето на сопственото авторско его, на интимата и така натаму, тука се обидува да ја опфати и да ја согледа и судбината на современиот свет, за прво на човекот во современото загрижувачки отуѓено општество, посочи Османли.

Проектот „100 словенски романи” со посебен акцент на најновиот роман на Томислав Османли на промоцијата го претстави Jулија Созина, соработник во Библиотеката за странска литература, координатор на овој меѓународен проект од руската страна.

На настанот присуствувал и Евгениј Резниченко, директорот на Издавачката куќа Центар за книга „Рудомино” кој истовремено е и директор на Институтот за превод во Москва. Тој го оцени романот „Бродот. Конзархија” како значајно дело кое покренува низа проблеми многу важни за цивилизацијата.

Панкина го претстави романот подетално, зборувајќи за неговите особини, за жанрот, естетиката и поетиката, за јазикот и литературните квалитети.

Инаку „Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, сите во превод на Олга Панкина.бт/аа/

Фото: Томислав Османли

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан