• петок, 26 јули 2024

Промовирана книгата „Романија-Македонија, дипломатски разговори, средби и сеќавања“ од амбасадорот Благој Зашов

Промовирана книгата „Романија-Македонија, дипломатски разговори, средби и сеќавања“ од амбасадорот Благој Зашов

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Во Музејот на македонската борба за самостојност денеска беше промовирана нигата „Романија-Македонија, дипломатски разговори, средби и сеќавања (1996-2002)“ од амбасадорот Благој Зашов како сведоштво на дипломатските односи меѓу двете земји во посочениот период и неговите активности за време на дипломатската мисија.

Во присуство на голем број колеги дипломати, почитувачи, пријатели, јавни личности како и на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, промоторот, амбасадорот Виктор Габер истакна дека Зашов, кој е сопатник во развојот на македонската дипломатија, во книгата се осврнува на сите предизвици со кои се соочувал при поставувањето на темелите на дипломатската мисија во Букурешт. Габер при тоа како пример го посочува и неговиот ангажман пред романските црковни власти за покренување на прашањето за односи на МПЦ со Романската црква на рамноправна основа.

-Како и секој автор, особено креативен пишувач на мемоарски записи, и Зашов на настаните во кои себе сесрдно се внел ги пренесува со една умерена субјективна нота. Таа методолошка постапка на книги од овој вид ним им дава дополнителна вредност бидејќи авторите не се и не треба да бидат сувопарни пренесувачи на факти, регистратори на настани за кои јавноста веќе има соодветни инфоамции. Можам да потврдам дека од секоја страница извира одлуката на авторот зад себе да остави моменти од неговата исклучителна професионална дипломатска активност, да даде нему својствен белег во оствраување на оваа одговорна државна функција, рече меѓу другото Габер. 

Заменик амбасадорката на Романија во земјава изрази почит кон  Зашов за неговата дипломатска кариера и за воспоставувањето врски меѓу двете земји за време на неговиот мандат во Букуреш како прв амбасадор на тогашна Република Македонија во Романија. Таа истакна дека книгата е сведоштво на дипломатските односи меѓу двете земји и претставува рефернтно дело за младите дипломати и генрации од Романија и Северна Македонија кои денес служат во насока на зајакнување на билатералните релации и нивно доведување до нови височини. 

Авторот Зашов, меѓу останато, ќе рече дека и дипломатите се на некој начин субјективни кога пишуваат и опишуваат затоа што прво мора да се држат кон инструкциите добиени од матичното МНР, да ги анализираат состојбите во една земја, но во исто време да ги бараат и интересите на сопствената земја.

-Затоа често пати се вели „немојте да им верувате на извештаите на дипломатите затоа што тие пишуваат субјективно“. Но, во читањето на тие документи, особено тоа јас го видов сега кога ги објавував дипломатските документи од Романија, дека тогашните дипломати па и јас на некој начин се обидував да ја опишам Романија како ја гледам, но со детали кои можеби за обичниот Романец и не беа интересни, за неговото секојдневние кое тој го живее, но не е свесен дека се развива таа земја, дека доживува промени. Во мојата книга ќе се најде еден континуитет на развојот на политичките односи во Романија. Мислам дека тоа е суштината и вредноста на едно дело кое ќе се чита сега, но можеби ќе биде интересно и многу подоцна, вели Зашов.

„РОМАНИЈА-МАКЕДОНИЈА, дипломатски разговори, средби и сеќавања (1996-2002)“ е втора книга на Зашов, поранешен амбасадор од кариера, чија цел е по завршена работна обврска во Романија, своето дипломатско искуство да го пренесе на младите дипломати. Книгата е поделена во два дела. Првиот се однесува на периодот од декември 1996 до крајот на 1999 година и вториот од 2000 година до крајот на неговиот мандат во јули 2002 година. Текстот е пишуван според годините, а во рамките на секоја година според темите кои биле третирани.

Воведот е посветен на Романија и македонско-романските односи пред заминувањето на Зашов во Букурешт (1991-1996). Следуваат текстови од белешки и извештаи за средби, разговори и осврти за состојбите во Романија во период од крајот на 1996 до средината на 2002 година. На крајот е поместен посебен дел посветен на содржини поврзани со активноста на амбасадорот, потоа преглед на настани, средби и разговори, упатени писма и други документи во односите на Скопје и Букурешт во тој период. Во книгата од над 700 страни, има и резимеа на англиски, француски и романски јазик. 

Организатор на промоцијата беше Дипломатскиот клуб од Скопје.

Амбасадорот Зашов во 2005 година објави книга и за неговата работа како постојан претставник на земјата во Советот на Европа, во Стразбур. вг/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан