Промовирана книгата „Охридски драмски писатели“
- „Охридски драмски писатели“ е насловена книгата на авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски што денеска беше промовирана во Општина Охрид во рамките на свечената програма за чествување на Патронот на Охрид, Свети Климент Охридски.
Охрид, 6 декември 2024 (МИА) - „Охридски драмски писатели“ е насловена книгата на авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски што денеска беше промовирана во Општина Охрид во рамките на свечената програма за чествување на Патронот на Охрид, Свети Климент Охридски.
Книгата е десеттото издание на едицијата „Охридско книжевно наследство“ која се реализираше со поддршка на Општина Охрид.
Во Охридското книжевно наследство драмските дела, според претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, имаат неоспорно трајни естетски вредности.
- „Охридски драмски писатели“ се надоврзува на претходните книги од оваа едиција и таа го освежува охридското гледалиште со драмските текстови на охриѓани кои биле и останале авангарда на македонскиот, балканскиот и европскиот театар. Богатата македонска драмска традиција го одржа континуитетот на својот развој низ респективен временски период од преродбата со појава на чинот, преку вистинскиот квалитетен почеток врзан со името на Чернодрински, се до денешни дни. Општина Охрид си даде пред себе огромна задача за афирмација на охридското книжевно наследство и тоа доследно го следи, затоа што Охрид и охриѓани го заслужуваат тоа, истакна Божиновски.
Осврт за творештвото на охридските драмски писатели и нивното значење во националната Македонска историја даде промоторот проф. д-р Валентина Божиновска. Според неа, имаме вакви дејци кои умеат да се држат кон Македонштината и кон Македонскиот јазик, нагласувајќи дека треба да бидеме спокојни, мудри и едноставно да се потпираме на она што го прават.
- Охрид давал дејци и дејци, но ако не ги меморираме тие дејци, ако не се потсетуваме постојано и ако не ги читаме, заборавот и прашината секогаш се тука да навлезат и во нашите сетила но и во книгите кои ги имаме…. Сметам дека ова е една ретка скапоценост, прво на мислата, на умислата, како се досетија да ги вкоричат. Секогаш велам дека е добро кога некои од ваквите луѓе ги имаме денес и се дејци на новиот век. Замислете, како се досетиле да го вреднуваат мигот, а тоа се 150 години од раѓањето на Војдан Чернодрински, 110 години од раѓањето на Иван Точко, 150 години од раѓањето на Борис Бојаџиски и 90 години од раѓањето на Живко Чинго, посочи Божиновска.
За уредникот на изданието Митре Велјаноски нашата сила и оружје е културата и образованието.
- И токму со тоа сме и најзначајни и најголеми. И тоа не можат да ни го простат. Не можат да ни го простат Свети Климент, Свети Наум и Охрид, кој е културно светилиште. Едноставно, ние го имаме Светиклиментовиот аманет и таа аура не може никого да остави рамнодушен, рече Велјаноски.
Книгата „Охридски драмски писатели“ е објавена во тираж од 300 примероци, кои беа поделени на библиотеките од културните и образовните институции во Охрид. сс/нд/
Фото: Општина Охрид