• сабота, 23 ноември 2024

Промовирана кампањата „Вози одморен“ на ГП Табановце

Промовирана кампањата „Вози одморен“ на ГП Табановце

Куманово, 25 јули 2024 (МИА) - Кампањата „Вози одморен“ денеска беше промовирана на граничниот премин Табановце. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, заедно со директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот Душко Пешиќ, го посетија граничниот премин Табановце. Двајцата министри посочија колку е важно да се вози одморен, да се одбегнат сообраќајните несреќи на патиштата.

-Денес сме присутни на границата сè со цел да дадеме поддршка и да го особено свртиме вниманието на јавноста во насока на превентивната акција којашто ја спроведуваме од двете тела во Македонија и во Србија под наслов „Вози одморен“ или „Вози одморан“. Сметаме дека и тоа како е значајно да се фокусираме сите во превенција на овие несакани настани коишто секако дека настануваат од аспект на жртви итн., особено заради премореност на возачите особено во рамките на летните временски периоди. Сите знаеме дека на лето имаме поголема раздвиженост, сите знаеме дека имаме поголема фреквенција на возила, така што оваа превентивна акција сметам дека и тоа како е потребна се со цел да се намали бројот на жртви којшто го имаме како таков. Му благодарам уште еднаш на министерот Дачиќ за можноста да поразговараме за сите теми коишто се од значење за сите пријателски земји, така што убеден сум дека ќе имаме плодна соработка, кажа министерот Тошковски.

Неговиот српски колега кажа дека го промовираат настанот токму на Табановце на коридорот 10 кој е еден од наоптоварените во моментот, поради огромниот број на туристи, патници кои минуваат тука и не само од Република Северна Македонија и од Србија, туку и од Европа и Азија.

-Се наоѓаме на ова место кој е показател колку ние потребна добра полициска соработка меѓу аншите земји. Ова е место каде се наоѓа интегрираниот граничен премин. Целта на овие активности кога станува збор за граничната полиција е што повеќе да им се олесни на граѓаните преминот на државата граница имајќи го предвид коридорот 10, еден од главните правци за време на туристичката сезона и голем број луѓе не само државјани на Северна Македонија и Србија туку од Европа и Азија поминуваат учествуваат во сообраќајот на трасата. Денеска се наоѓаме овде да помогнеме во промовирањето на акцијата која ја спроведуваат органите задолжени за безбедноста во сообраќајот, кажа Дачиќ.

Во однос на статистиката на Србија, истакна дека таму е зголемен бројот на сообраќајни несреќи во летниот период.Од републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата повикаа патниците да одмараат на два часа, да се освежат со вода, безалкохолни пијалаци и да возат одморени.

Двајцата министри кажаа дека е важна меѓусебната соработка на секое поле.

- Најнапред сакам да изразам огромна благодарност до мојот колега министерот Дачиќ којшто беше еден од првите министри коишто беа контактирани од моја страна лично и веднаш одговори позитивно на барањето врз основа на принцип на солидарност како две соседни земји да ни помогне во делот на гасењето на пожарите. Уште еднаш лично еве да ви се заблагодарам министре заради тоа што дел од вашите ресурси ги упативте во Македонија да помогнат коишто максимално и професионално си ја завршија работата, ни помогнаа луѓето многу, ви благодарам за тоа уште еднаш.Заедно со нашите пријатели министерот за внатрешни од Црна Гора, министерот за внатрешни од Словенија, Министерството од Турција, Министерството од Романија, сите оние коишто помогнаа во гасењето на пожарите во Македонија огромна благодарност до сите. Навистина ни значи солидарноста којашто се покажа во изминатиот период. Се покажа дека ЕУ-механизмот кој ни стои на располагање е ефикасен, но исто така особено се покажа дека нашата добра соработка, нашите лични контакти коишто ги имаме со нашите пријатели и тоа како се корисни за ваков тип на соработка. Така што, мислам дека мораме да продолжиме во иднина на ваков начин координирано, солидарно да настапуваме сè со цел да овозможуваме подобри услови за нашите граѓани во секој еден сектор, кажа Тошковски.

И Дачиќ кажа е важно да се соработува при вонредни состојби како што беа пожарите во државата.

-Се радувам на нашата средба, мислам дека е многу потребни за нашите држави, за нашите народи, а тоа значи добра полициска соработка која пред сè е во интерес на нашите граѓани, борба против криминал, борба против илегална миграција, добра гранична полиција, добра сообраќајна полиција, јавен ред и мир, борба против тероризмот, соработка во областа на вонредни состојби, кај нас тоа е во рамки на МВР, така што и хеликоптерот кој го гасеше пожарот во Северна Македонија е во рамки на хеликоптерска единица на МВР, рече министерот Дачиќ.

Двајцата министри ќе ја продолжат билатералната дводневна посета во Србија и најавија дека ќе разговараат на теми значајни за двете држави, унапредување на полициската соработка и поголем бенефит за потребите на граѓаните. ам/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан