Промовирана збирката поезија „Сивка-геометрија на болката“ од Ирена Бабамова Стојчева
- Синоќа во просториите на Младинскиот центар во Струмица се одржа промоција на збирката поезија „Сивка-геометрија на болката” од Ирена Бабамова Стојчева. Ова е четврто дело на поетесата, за кој ракопис се закити со меѓународната награда „Антев златник“ за 2024 година, а во 2025 година, подржано од Министерството за култура и туризам, беше објавено под капа на издавачката куќа „Макавеј“.
Струмица, 11 декември 2025 (МИА) - Синоќа во просториите на Младинскиот центар во Струмица се одржа промоција на збирката поезија „Сивка-геометрија на болката” од Ирена Бабамова Стојчева. Ова е четврто дело на поетесата, за кој ракопис се закити со меѓународната награда „Антев златник“ за 2024 година, а во 2025 година, подржано од Министерството за култура и туризам, беше објавено под капа на издавачката куќа „Макавеј“.
Пред бројната публика, промотори на поезијата на Бабамова Стојчева беа проф. д-р Весна Мојсова - Чепишевска, проф. д-р Владимир Цветкоски и м-р Катерина Панов Кожаров.
Според д-р Весна Мојсова – Чепишевска, болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии создава ехо кое се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави пукнатини кои и да зараснат остануваат со траги кои потсетуваат на нив.
-Но, мене оваа геометрија на болката ме насочува кон онаа „физика на тагата“ на Георги Господинов. „Тоа е книга ризом“, ќе напише Елена Ѓорѓиевска, „од каде и да почнеме можеме да ја читаме, секој расказ може да опстојува и посебно, а ако се чита редоследно сите раскази ќе оформат една целина, целина на тагата“. И оваа збирка на Бабамова Стојчева од каде и да почнеме можеме да ја читаме, секоја песна одделно, раштркано, но и сите песни заедно, редоследно, и тие како такви и одделно и заедно дефинираат една целина, целината на болката, рече Мојсова Чепишевска.
Проф. д-р Владимир Цветкоски, пак, обраќајки се кон публиката истакна дека во оваа збирка, Бабамова Стојчева создава поетски простор во кој болката добива форма, линија и димензија, каде што зборот станува и светлина и сенка, каде што човекот, во својот кревок космос, се бори да остане целовит
Катерина Панов Кожаров освен за освртот кон промоцијата на поезијата на Бабамова Стојчева како некаков вид на „психолошко интроспективно витештво“, говореше и за симболот на пеперугата која е главен актер во стиховите на „Сивка“.
Во рецензијата кон книгата, д-р Атина Цветаноска вели дека „Сивка“ е тажна убавица. Лета со скршено крило кое не може да биде исто дури и да зарасне. Во таа геометрија на болката, Бабамова Стоічева ја истражува тагата како одговор на неотповикливата промена на околностите, на она што сме го замислувале како деца, со сета детска невиност во размислата. Болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии, создава ехо кое се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави, пукнатини кои, дури и да зараснат, остануваат со траги што потсетуваат на нив. рт/вј/
Фото: Организатор на промоција