• вторник, 24 декември 2024

Проект „Зборувам на јазикот на мојот другар“ во Скопје, ќе опфати речиси 600 средношколци и наставници

Проект „Зборувам на јазикот на мојот другар“ во Скопје, ќе опфати речиси 600 средношколци и наставници
Скопје, 16 март 2022 (МИА) - Во 23-те средни училишта на Град Скопје деновиве почна да се реализира четвртиот циклус тримесечна бесплатна онлајн-настава за изучување на македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, наменета за ученици и наставници. Наставата е во рамки на проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“, предвиден во Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост и во Програмата за активности на Град Скопје од областа на образованието за 2022 година. Ќе бидат опфатени вкупно 594 наставници и ученици, дел од нив ќе следат почетен степен, а дел продолжителен. Часовите за изучување на јазиците ги држат наставници вработени во средните училишта и тие се логистички и финансиски поддржани од Град Скопје. -На овие часови младите ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна полесна јазична социјализација. Целта на проектот е  стимулирање на училишните заедници да градат и развиваат позитивни интеракции помеѓу учениците и наставниците од различни етнички заедници, соопшти Град Скопје. Согласно со искажаниот интерес, 234 ученици и тројца наставници ќе следат почетна настава за изучување на македонскиот јазик; 71 ученик и 17 наставници ќе следат почетна настава за  албански јазик, а 12 ученици и 27 наставници ќе следат продолжена обука и 172 ученици и 36 наставници ќе посетуваат почетна настава по турски јазик, додека 11 ученици и 11 наставници ќе следат продолжителна обука. хс/лв/    

Остани поврзан