• сабота, 23 ноември 2024

Продолжува соработката меѓу медиумите и судовите, промовиран судски „куќен ред“

Продолжува соработката меѓу медиумите и судовите, промовиран судски „куќен ред“
Скопје, 29 септември 2021 (МИА) – Судско-медиумскиот совет на денешната прес-конференција „Подобрување на односите меѓу судовите и медиумите: научени лекции, преземени чекори и идни предизвици“, го презентира банерот кој всушност ќе претставува „куќен ред“ за јавноста што секој суд ќе треба да го почитува. Целта на банерот е да им овозможи на медиумите правдата да биде видлива, препознатлива, а судниците отворени за јавноста. Судијката од Управниот суд, Едита Насковска информира дека за таа цел телото ќе биде проширено и ќе бидат опфатено и останатите органи во правосудството, а ќе бидат вклучени и членови од Обвинителскиот совет од страна на обвинителите. Според судијката Насковска, овој банер е од особено значење за зацврстување на соработката меѓу медиумите и судовите. - Работевме напорно цела година, и во услови на пандемија. Телото е формирано во 2018 година, кога имавме услови да држиме и меѓународни конференции, да дебатираме со наши колеги од надвор, од ЕУ и од САД и едноставно морам да укажам на важноста, бидејќи вакво тело постои само во САД. Нашата пракса ја препознаа и останатите земји во регионот и тие сметаат дека треба да формираат вакви тела, пред сè, за транспарентноста на судството, рече Насковска. Васко Меглешов, член на Судско-медиумски совет, изјави дека напредокот е видлив во сите сфери, односно дека сега се разговара на отворени прашања, а јавноста е во тек со судските постапки. - Ако порано беше речиси невозможно да соберете на едно место осум судии и седум новинари и обратно, сега тоа е веќе пракса, се разговара за отворените прашања. Имаме напредок во многу сфери, така што давањето воведни и завршни зборови и објавувањето на пресудата во високо профилни случаи веќе се емитува во живо, граѓаните можат да ги гледаат, истакна Меглешов. Судско-медиумскиот совет е тело кое е формирано од страна на Здружението на судии на Република Северна Македонија кое работи на транспарентноста на судството и зајакнување на поддршката и најдобрите практики меѓу медиумите и судиите.свс/ар/

Остани поврзан