• среда, 25 декември 2024

Продолжува комисиската дебата за данокот на солидарност

Продолжува комисиската дебата за данокот на солидарност

Скопје, 25 јули 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ја продолжи дебатата по амандманите за Предлог законот за данок на солидарност, што со предложените измени на законите за ДДВ и за данок на добивка, се доставени од Владата со европско знаменце по скратена постапка.

За Предлог законот за данок на солидарност се поднесени три амандмани. На првиот ден од дебатата, вчера, беше одбиено барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за овој закон да се одржи јавна расправа.

Опозициските пратеници  во тек на расправата го критикуваа предлогот со став дека Владата нема право да им наметнува нови давачки на фирми кои се борат да работат чесно, како и дека никаде во Европа земјите не вовеле солидарен данок за да се оданочат компании кои оствариле профити.

Таквите тврдења ги отфрли министерот за финансии Фатмир Бесими кој посочи дека го има во Хрватска, Унгарија, Бугарија, Шпанија и во други земји на ЕУ,  но и во Велика Британија која не е членка на Унијата.

Бесими посочи дека првите три точки од меморандумот што Владата треба да го потпише со Европската комисија се овие три закони за даночна реформа (данок на солидарност, на додадена вредност и данок на добивка) и затоа тие се дискутираат во Комисијата за европски прашања.

Предлогот закон за данокот на солидарност предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.

Стопанските комори се против воведување данок на солидарност и во повеќе наврати побараа негово повлекување. Стопанската комора на Северна Македонија преку Клубот 100, упати допис до претседателот на Собранието, премиерот и до министерот за финансии со кој бараат да запре донесувањето на законот. лв/мд/

 

 

Остани поврзан