Притворениот градоначалник на Истанбул Имамоглу ја повика нацијата да се спротивстави на „злото“
- Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е приведен поради обвиненија за корупција и тероризам, го повика турскиот народ да застане против, како што рече, „злото“.

Истанбул, 20 март 2025 (МИА) – Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е приведен поради обвиненија за корупција и тероризам, го повика турскиот народ да застане против, како што рече, „злото“.
- Како нација мораме да застанеме против ова зло. Ова е мојот повик до мојот народ, напиша Имамоглу денеска на Х.
Како што пренесе ДПА, тој ја обвини владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека го таргетира неговото семејство и имотот, повикувајќи ги јавните службеници и судството да се спротивстават на каква било злоупотреба на власта.
- Имам доверба во чесното турско судство. Не можете и не смеете да молчите, напиша тој.
- Умот што ми ја одзеде дипломата ќе го конфискува вашиот имот, вашата чест, вашиот имот и ќе изврши секакви узурпации и напади, додаде Имамоглу.
Еден ден пред да биде притворен, Универзитетот во Истанбул ја поништи универзитетската диплома на Имамоглу, акредитив неопходен за претседателска кандидатура, со што го спречи да му биде евентуален противкандидат на Ердоган на изборите закажани за 2028 година.
Според државната новинска агенција Анадолија, властите заплениле и градежна фирма во косопственост на Имамоглу.
Неговото приведување предизвика протести низ целата земја и предизвика остри критики од опозициските фигури и групите за права. јт/