• петок, 15 ноември 2024

Прилеп доби готов проект за нов театар, се чекаат средства за изградба

Прилеп доби готов проект за нов театар, се чекаат средства за изградба

Прилеп, 5 ноември 2024 (МИА) - Центарот за култура „Марко Цепенков“ го доби проектот за изградба на нов театар во Прилеп. Од Министерството за транспорт и врски се чека одобрение за градба, а од Министерството за култура и туризам средства за реализација во програмата за 2025 година.

-Проектантите неодамна го завршија проектот и Центарот за култура „Марко Цепенков“ располага со комплетна ревидирана проектна документација од проектот за реконструкција со доградба и надградба на објектот наменет за обезбедување простор за потребите на театарот. Всушност, станува збор за два одделни проекти по барање на Министерството за транспорт и врски: еден е за реконструкција на постојниот објект на Центарот, а другиот е за доградба и надградба на постојниот објект, изјави Марија Попова Јованоска, в.д. директорка на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Реконструкцијата на објектот се однесува на содржинско збогатување и функционално редефинирање на просторот како и подобрување на постојната физичка состојба на просторот и замена на дотраените материјали и техничка опрема, а доградбата и надградбата се однесуваат на обезбедување целосно нов простор за потребите на театарот во рамките на Центарот за култура со претходно отстранување дел од просторните целини.

Театарот е предвиден да ги опфати просторните делови од сегашното кино „Мис Стон“, од „Арт“ кагулето и дел од ликовната галерија.

-Двата дела, предвидената реконструкцијата и доградбата со надградбата, ќе делуваат како една содржинска целина, со можност за работа како самостојни целини во иднина, објаснува Попова Јованоска.

Центарот се обрати до Министерството за култура за да одобри финансиски средства за изградба на новиот театар во Прилеп во програмата за наредната 2025 година.

-За овие два проекти веќе се обративме до Министерството за култура и туризам и побаравме да обезбеди финансиски средства за реализација и да ги одобри во годишната програма за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2025 година, рече Марија Попова Јованоска.

Според проектантите, за изградба на театарот ќе бидат потребни околу 18.000.000 евра, а за реконструкција на Центарот за култура околу 9.000.000 евра.

Проектант на проектите е Друштвото за производство, промет и услуги Архиум Љупчо ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, а ревидент е Друштвото за проектирање и инженеринг Хидро градежен инженеринг Скопје.

За реализација на двата проекти од Министерството за култура и туризам беа одобрени 60.000 евра.ем/са/

Фото: МИА

Остани поврзан