• понеделник, 23 декември 2024

Признание за професорката Штефица Ујчиќ од кумановската гимназија за просветен работник на годината

Признание за професорката Штефица Ујчиќ од кумановската гимназија за просветен работник на годината
Куманово, 25 октомври 2020 (МИА) - Признанието просветен работник на годината за учебната 2019/2020 го доби професорката по физика Штефица Ујчиќ од кумановската гимназија „Гоце Делчев“. Професорката Ујчиќ работи од 1983 година. За неа, наградата е признание што не го сфаќа лично, туку комплетно за учесниците во образовниот процес, учениците, колегите, училиштето, општеството.
Критериумите за избор на просветен работник ги одредува Сојузот на просветни работници на државата и во нив се опфатени повеќе димензии на реализација на професорите од водење на образовниот процес, работа со ученици, нивни резултати, работа во поддршка на образовниот процес, подготовка на наставни помагала, учебници. Ујчиќ е автор на два учебника и работни тетратки по физика, учествувала на бројни домашни и меѓународни конференции, во печатење трудови, на проекти од државен карактер организирани од МОН, а посебно ја издвојува наставата во билингвалните паралелки на француско-македонски јазик.
Ујчиќ завршила во кумановската гимназија, каде сега и предава, а студиите ги завршила на Природно-математичкиот факултет, кој во тоа време бил поделен на Факултет по физика. По образование е и дипломиран инженер и дипломиран професор по физика.
- Едноставно имав потреба. Првин завршив инженер, завршив и професор во исто време. Кога добив можност да работам како инженер, бев вработена како асистент на Институтот за физика, нешто ме повика да продолжам во училиште, бидејќи мислев дека во оваа средина има потенцијал што може да се разработи и она што мене во тоа време ми беше недостижно, да го сторат тоа моите ученици. Во тој период многу тешко се одеше во странство, вели професорката. Таа во разговор за МИА вели дека не жали за одлуката и според неа ги мотивира луѓето во околината. Била добар студент со издадени научни трудови во соработка со Македонската академија за науки и уметности, но таму била во прашање само кариера. Ујчиќ во Куманово важи за строг, но праведен професор. Во разговорот вели дека треба да ги прашаме учениците. - Секогаш знам дека треба да се пресече онаму каде најмалку боли. Може во моментот да ги заболи оние ученици кои добиваат пониска оценка, бидејќи мислат дека можела да биде повисока од различни причини. Но, моите искуства велат дека ако некогаш бидеш попустлив, можеш да упропастиш нечија судбина, вели професорката по физика. Таа забележала дека во некои случаи кога била попустлива, секогаш завршувало непријатно во понатамошниот живот на учениците. А, понекогаш кога и само нејзина четворка на сите петки била мотивација учениците да бидат успешни граѓани, вели професорката од гимназијата, истакнувајќи дека нејзини генерации се успешни на различни полиња овде и во странство. Во разговорот за МИА Ујчиќ вели дека ѝ недостига контактот со учениците, енергијата што ја даваат учениците. Професорите, смета таа, се во привилегирана состојба, бидејќи директно ја добиваат енергијата од младите, нивните радости, понекогаш и нивната тага. - Онлајн наставата е нужност, понекогаш кога и системот ќе те притисне, а ти треба да се адаптираш на системот, да изгубиш што е можно помалку во овој случај пренос на знаење, во тој случај мора да најдеш начин да влезеш во системот и да го понудиш знаењето во оптимална доза. Не сум поборник на онлајн настава, но е неопходна нужност во ова време за доближување до учениците, вели искусната професорка. Таа потврдува дека за физика е потребна и практична настава, која и во минатото не била на високо ниво, поради слабата опременост на кабинетите по физика. Но, додава дека тука се гледа креативноста на професорите и учениците, па сите се снаоѓаат со домашни проекти, истражувања од светски реномирани факултети, преку Јутјуб. И професорката потврдува дека генерално во образовниот систем во не толку далечно минато, образованието било во своевидна депресија, дека се изгубиле одредени мерила за вреднување. - Не дека и јас останав цело време на мојата линија, имаше приспособувања кон системот, бидејќи кога системот ќе притисне мора да се најде начин за опстанок. Во таа борба еднаш ќе победи системот, еднаш ти, ама мора да се опстане, беше непријатно да имаш побарувања од образованието, но знаев дека ќе дојде време кога учениците ќе мора да се снајдат во новите технолошки времиња. Глобалниот систем на нови вредности нè збуни, дали овде вреди да се бориш, да останеш, да заминеш, но сепак образовниот процес мора да се заврши, бидејќи на тој начин сфаќаш што жртвуваш за да знаеш што ти е потребно во една подалечна иднина, вели Ујчиќ. Сега училиштата се соочуваат со нов предизвик дефицит на професори по физика, математика и хемија. Во времето кога завршила вели дека тогаш физиката била многу популарна, дури 20 девојки завршиле во тој период и тогаш било необично.
- Ниту тогаш немавме повластици, во тој период бевме дефицит, еве сега пред пензионирање повторно сме дефицит. Има ученици, има доктори на науки, на факултети, сега што студираат, но дали ќе обезбедиме професори по физика кои ќе дојдат во образованието останува непознато, вели Ујчиќ.
Горда е на сите награди на учениците, на нивните формални награди организирани во државата и странство, но уште повеќе горда ја чинат нивните животни награди, кои генерациите што ги изучила ги доживуваат во нивната зрелост, како задоволни, успешни, исполнети, семејни луѓе. Александра Максимовска  

Остани поврзан