• сабота, 23 ноември 2024

Претставници од Гора, Косово, во посета на општина Маврово и Ростуше

Претставници од Гора, Косово, во посета на општина Маврово и Ростуше
Дебар, 5 септември 2022 (МИА) - Во посета на општина Маврово и Ростуше престојуваа претставници од Рестилица и Злипоток, општина Драгаш, областа Гора, Република Косово. -Со нашите гости Мурат Мушка, Аднан Мутас и Нухија Таировци, директор за заштита, спасување и јавни услуги во општина Драгаш, разговаравме за продлабочување на нашата и така добра соработка. Посебен акцент ставивме на заедничката ангажираност за подобро поврзување на нашите општини и региони, што ќе услови и економска и друга соработка, објави градоначалникот Медат Куртовски. Ќе се соработува за изградба на соодветна патна инфраструктура од двете страни до преминот Стрезимир - Рестилица, кој последните неколку години работи по два месеца во летниот период. Преминот тогаш е отворен секој ден од 08:00 до 20:00 часот, а за преминување важат истите правила како и на другите гранични премини, односно патна исправа, пасош или лична карта и зелен картон за возило. Жителите од двете страни на границата се надеваат дека овој граничен премин во блиска иднина ќе биде функционален преку цела година во интерес на двете страни, развојот на туризмот, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Дебар со жителите на општините Рестилица, Драгаш и Призрен. Преминот се наоѓа на планината Кораб на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Косово, а во областа Гора на Косово се распослани 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед, познати како Горани. вт/хс/

Остани поврзан