• сабота, 23 ноември 2024

Претстава за деца и концерт вечер на „Скопско лето“

Претстава за деца и концерт вечер на „Скопско лето“

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Во рамки на 45. „Скопско лето“, вечер во Куршумли ан ќе биде изведена претстава за деца „Разгалениот принц“, а во Културно-информативен центар ќе се одржи концерт на мецосопранот Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев.

Претставата  „Разгалениот принц“ е во продукција на Театар ХИТ – Скопје. Автор и режисер е Сашо Ристовски, сценографијата и костими на Диди, а играат Магдалена Ризова-Черних, Сашо Ристовски и Бранко Атанасов.

Како што соопшти Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, се работи за детска комедија со многу едукативни и педагошки елементи. Раскажува за неправилно однесување на еден принц со „исклучителен специфичен карактер и однесување кон повозрасните, врсниците и средината“.

-Неговото однесување во дворецот и во околината  воопшто не доликува на еден принц, кој треба да биде пример за сите. Низ низата комични ситуации кои се создаваат со однесувањето на принцот кон својот татко - кралот, дадилката и околината, се покажува дека таквото однесување не е дозволено, а притоа и се укажува дека секое дете има свои права, но пред се и обврски кои мора да ги знае и исполнува. Кралот со дадилката, а и децата од публиката, ќе успеат да дојдат до целта, да го променат принцот и да го научат на неговите вистински права, но и на неговите обврски, посочуваат во соопштението.

Програмата на концертот во КИЦ, пак, ќе опфати дела од Жорж Бизе и од Жан-Батист Векерлен. бт/хс/

Фото: Дирекција за култура и уметност – Скопје

Остани поврзан