• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски на средба со Стојкоски за подобри општини и град

Претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски на средба со Стојкоски за подобри општини и град

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски оствари уште една од низата средби и разговори за поубави општини и град Скопје. Денеска тој беше во посета на Ѓорче Петров, каде со својот колега, градоначалникот Александар Стојкоски, продискутираа за постигнатото во овие две години кое во огромна мера го смени ликот на оваа општина и покрај опструкциите од страна на Градот Скопје, соопштија од Општина Кисела Вода.

Заеднички барале и решенија за проблемите со кои се соочуваат жителите на Ѓорче Петров. Ѓорѓиевски потенцирал дека новата централна власт предводена од идниот премиер Христијан Мицкоски ќе биде вистински партнер во унапредувањето на единиците на локалната самоуправа. Истакнал дека градските проблеми ќе ги решаваат заедно, бидејќи, како што нагласил, Скопје и скопјани заслужуваат метропола која ќе се носи рамо до рамо со европските.

-Денеска ја посетив општина Ѓорче Петров каде што заедно со првиот човек и мој драг пријател Александар Стојкоски разговаравме за досегашната успешна работа во изминатите две години, но и за проблемите со кои се соочуваат жителите на Скопје. На самиот почеток, морам да му честитам на Александар и неговиот прекрасен тим за големите промени кои ги направија во општината за поквалитетен живот на сите кои живеат во неа. И покрај опструкциите од страна на Градот Скопје, градоначалникот успеа да постигне многу висок степен на реализација на проекти споредбено со претходниците, што се гледа и од терен. Со ваков тим предводен од Александар, општина Ѓорче Петров ја чека уште поубава иднина, изјавил претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.

Тој додал дека поразговарале и за она што треба дополнително да се реализира, а е во планот за наредниот период за да се дојде до заеднички решенија.

-Ова е уште една од средбите кои ги започнав сѐ со цел да се изнајдат решенија за жителите на градот Скопје. Ќе ги посетиме општините, ќе ги детектираме проблемите и заеднички ќе ги решиме. Со новата централна власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски доаѓа ново време и оној игнорантски однос од изминатите години заминува во минатото. Сега, градот Скопје и општините ќе имаат вистински партнер во унапредувањето на единиците на локалната самоуправа, истакнал Ѓорѓиевски.

Градските проблеми, додал, ќе се решаваат заедно, бидејќи Скопје и скопјани заслужуваат метропола која ќе се носи рамо до рамо со европските. сст/аа/

Фото: Општина Кисела Вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан