• понеделник, 23 декември 2024

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими македонските спортисти кои ќе учествуваат на Олимпијадата во Париз

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими македонските спортисти кои ќе учествуваат на Олимпијадата во Париз

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги примила македонските олимпијци кои ќе настапат на Летните олимписки игри што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

Кабинетот на претседателката  соопшти дека Сиљановска-Давкова била информирана за финалните подготовки на македонскиот олимписки тим, како и за очекувањата од претстојните натпревари.

На македонските олимпијци таа им го врачила државното знаме, што ќе биде развиорено на отворањето на Олимписките игри и им посакала успешен настап „на најграндиозниот и најпрестижниот спортски настан“.

-Вие, како македонски спортски амбасадори, со гордост и достоинство бранете ги боите на нашата земја. Ви посакувам успешен настап и достојно претставување во Париз. Јас и сите македонски граѓани сме со вас и навиваме од срце, им порачала претседателката Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на континуираната заложба и посветеност на македонските спортисти, претседателката ја нагласила потребата „како заедница, како држава, да направиме сè за да ги поддржуваме спортистите, да работиме на стручноста на тренерските тимови, подобрувајќи ги севкупните спортски услови во македонското општество“.

На Летните олимписки игри во Париз ќе отпатуваат шест македонски спортисти: Владимир Егоров - борење, Никола Ѓуретановиќ - пливање, Анастасија Мојсовска - стрелаштво, Еди Шерифовски - џудо, Милијана Релиќ - таеквондо и Дарио Ивановски - атлетика. Македонското знаме на свеченото отворање ќе го носат Ивановски и Релиќ.

На средбата со претседателката Сиљановска-Давкова присуствувале и членови од раководството на Македонскиот олимписки комитет, тренери и спортски судии. хс/дма/

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија 

 

 

Остани поврзан