Препорачани мерки за намалување на загадувањето во Куманово
- Кумановци да користат јавен градски превоз, да го редуцираат користењето на возилата, да не користат несоодветни материи за затоплување, строго се забранува горење на отворено, побараа денеска надлежните од Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина и природата.
Куманово, 28 ноември 2024 (МИА) - Кумановци да користат јавен градски превоз, да го редуцираат користењето на возилата, да не користат несоодветни материи за затоплување, строго се забранува горење на отворено, побараа денеска надлежните од Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина и природата.
Оттаму велат дека поради поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, (два последователни дена 25 и 26.11.2024 година со среднодневни концентрации над 100 μg/m3), согласно добиениот акцискиот план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари, 2024-2025) од Министерство за животна средина и просторно планирање и заклучокот на Владата на РСМ од триесет и трета седница, им препорачува на граѓаните на Општина Куманово да ги следат мерките.
Од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје препорачуваат поради надминување на прагот на информирање: граѓаните особено децата, старите лица, болни од хронични заболувања на белодробниот и срцевиот истем, болните од астма ограничено да се движат.
Граѓаните на Куманово реагираат дека последниве денови особено во попладневните и вечерните часови аерозагадувањето е евидентно и побараа реакција од надлежните општински служби. Вчера инспекцискиот надзор од општината рече дека спроведува контроли.
- Се контролираат Б-ИЕД и елаборати за животна средина на правни субјекти од страна на тројца инспектори за животна средина. Во однос на вонредни инспекциски надзори, истите се извршуваат по службена должност како и по добиени пријави/иницијативи поднесени од правни и физички лица и за истите пријави инспекциската служба изрекува инспекциски мерки, се носат инспекциски акти и дејствија и се изрекуваат казни во случаи на сторен прекршок. Граѓаните секое сознание за загадување на животната средина и здравјето на луѓето можат да го пријават по писмен пат преку поднесување на барање во архива на Општина Куманово како и по електронски пат на e-mail адреси истакнати на сајтот на Општина Куманово, додаваат од Секторот за инспекциски надзор.
Граѓаните се жалат дека несовесни граѓани палат различен отпад долж течението на Кумановка, воздухот е неподнослив после 18 часот. Мерната станица на Министерството за животна средина покажа надминување на граничните вредности последниве неколку дена од стартот на грејната сезона. Лекарите исто така предупредија дека е сè поголем бројот на пациенти кои се жалат на тегоби предизвикани од аерозагадувањето, отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица.
Општина Куманово преку краткорочни и долгорочни мерки се обидува да го намали аерозагадувањето, како што се пошумување, гасификација, аеросолизацијата. Резултатите од мониторингот извршен преку проект покажаа дека согорувањето на биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето, во помала мера сообраќајот, следуваа, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли. ам/ев/
ФОТО: МИА