• среда, 25 декември 2024

Препевот на поезијата на Ручигај на словенечки значаен влог во 60 години македонистика во Љубљана

Препевот на поезијата на Ручигај на словенечки значаен влог во 60 години македонистика во Љубљана
Скопје, 30 октомври 2022 (МИА) - По повод 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана беше објавено изданието „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ прв препев на севкупната поезија на првата современа македонска поетеса, Даница Ручигај. Авторка на препевот и на поговорот на изданието на словенечки јазик е Маја Ковач. Објавувањето на ова значајно издание го поздрави и професорката по македонистика на Универзитетот во Љубљана, д-р Намита Субиото, која постојано го следеше остварувањето на овој проект. Според Субиото, овој препев на севкупната поезија на Ручигај е исклучителен – прецизен, интуитивен, со одлично обмислени решенија и на најтешките места, и со јазичната патина на модернизмот на шеесеттите години од минатиот век. „Ретро, а свежо и возбудливо“. - Многу се радувам што токму во годината кога се навршуваат 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана, во Словенија конечно се појавуваат и собраните песни на македонската поетеса Даница Ручигај, чиј татко бил Словенец, нагласува Субиото, притоа посочувајќи и на важноста на учеството на иницијаторката на афирмацијата на поезијата на Ручигај во словенечкиот културен простор, Ковач, на школите на МСМЈЛК при УКИМ. Преведувачката Маја Ковач, по објавувањето на изданието посочува дека стиховите на Ручигај првпат ги слушнала со прочит на Аленка Арбитер, гимназиска професорка по словенечки јазик и роднина на Ручигај. Напоменува дека уште тогаш, таа поезија ја воодушевила со нејзината проникливост.   - Потоа започнав да студирам словенечки јазик и литература на Универзитетот во Љубљана и меѓу другото, како изборен предмет слушав предавања по македонска литература кај проф. д-р Намита Субиото, што доведе до мојата одлука да го учам македонскиот јазик. Со учење почнав во рамките на Факултетот, а знаењата ги надоградува со активности што најчесто ги иницираше проф. д-р Субиото, при што извонредно важни беа летните школи на МСМЈЛК при УКИМ во Охрид, нагласува Ковач. Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска упати честитка до преведувачката и авторката на поговорот на изданието, Маја Ковач, но и честитка и благодарност воопшто до словенечките колеги кои се посветени на македонскиот јазик, литература и култура, особено до проф. д-р Намита Субиото, која веќе две децении ја води љубљанската македонистика. -Ова и уште еднаш укажува и обврзува дека Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во рамките на своите школи треба да продолжи со посветеноста и на активностите кои се однесуваат на македонската литература и на книжевниот превод, делувајќи поттикнувачки и за новите генерации странски посветеници на македонистиката, велат од МСМЈЛК при УКИМ. Словенечкиот препев на севкупното поетско творештво на Ручигај ќе биде промовиран и во рамките на активностите на МСМЈЛК при УКИМ. ки/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан