• вторник, 24 декември 2024

Преку алтернативни мерки до растеретување на затворскиот систем

Преку алтернативни мерки до растеретување на затворскиот систем

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) – Поголемата примена на алтернативните мерки е во фокусот на тркалезната маса што се одржува денеска во Скопје во организација на Управата за извршување на санкции во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Според директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ, пробацијата е поекономична од затворската казна и придонесува за помали трошоци на затворите со намалување на популацијата.

- Пробацијата дава надеж затоа што затворот никогаш не бега, истакна тој, дополнувајќи дека е важно судиите да се охрабрат да изрекуваат повеќе алтернативни мерки наместо затворски казни и да дозволуваат повеќе условни отпусти.

Како посебен предизвик, Стојановиќ го истакна изрекувањето на условни отпусти, за кои, како што рече, законската рамка е многу поголема, а сегашната честа пракса е да се дозволуваат само до три месеци условен отпуст. Според него, треба да се практикуваат подолги условни отпусти. 

Во изјава за медиуми пред почетокот на настанот, во врска со прашањето за Законот за амнестија, Стојановиќ кажа дека смета дека пробацијата е долготрајно решение, меѓутоа, како што рече „за амнестијата одлучуваат други повисоки структури и Владата“.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со условите во затворите, Стојановиќ рече дека ситуацијата не е розова, меѓутоа дека условите се подобруваат. 

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, истакна дека целта е да имаме Европска пробациска служба.

- Денеска имаме воспоставено функционални пробациски служби во нашата земја. Моментално имаме вкупно 11 пробациски канцеларии и во истите имаме 28 обучени службеници кои работат на 366 активни предмети, посочи таа.

Судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје истакна дека од 2019 година има постојано покачување на предметите за пробациските службеници.

Во однос на прашањето за причината зошто судиите од внатрешноста ретко ги изрекуваат овие мерки, таа рече дека тоа е од причина што не се доволно запознаени.

- Претпоставувам дека не се доволно запознаени со моментите што значи да се изрече заштитна мерка – мерка на заштитен надзор. Би требало можеби поголема обука за тие судии да знаат дека навистина не се постигнува целта со краткотрајни мерки затвор или со казна затвор доколку може лицето да се коригира, да се ресоцијализира и да се реинтегрира со помош на пробациската служба, посочи таа.

Заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна дека идејата на проектот е да се пренесат сите информации по однос на оваа важна тема, да се вклучат судии, јавни обвинители, пробациски службеници и други вработени во УИС во насока на размена на искуства.

- Што побрзо и што повеќе ја развиете и ја примените оваа алтернативна мерка толку повеќе ќе се намали теретот и трошоците кои што многу подобро можеме да ги искористиме за техничка поддршка на самите судови и обвинителства, истакна тој.

На тркалезната маса искуства со примена на алтернативни мерки споделија Дубравка Рукавина, Претседателка на Општински суд во Госпиќ, Хрватска, и Горан Бркиќ, Раководител на Сектор за Пробација, Министерство за Правда и Администрација, Република Хрватска.

Ова е прва тркалезна маса од вкупно четирите кои ќе се одржат со претставници од релевантните институции низ земјава. На тема „Поголема примена на алтернативните мерки“ ќе се дискутира и во Штип, Гостивар и Битола. ар/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан