• среда, 27 ноември 2024

Предадена во употреба фотоволтаичната централа на економското училиште во Охрид, донација на „ОКТА“

Предадена во употреба фотоволтаичната централа на економското училиште во Охрид, донација на „ОКТА“

Охрид, 20 септември 2023 (МИА) – Согласно стратегијата на компанијата „ОКТА“ за поддршка на иницијативи поврзани со обновливи извори на енергија, денеска на свечен на начин беше предадена во употреба фотоволтаичната централа на Средното економско училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Охрид.

Донацијата на „ОКТА“ е во рамки на одбележувањето на 45-тиот роденден на компанијата.

-Во годината кога компанијата прославува 45 години постоење, со реализацијата на овие донаторски проекти за поддршка на образовните институции во земјава, сакаме да ја потврдиме нашата континуирана заложба да делуваме одговорно во заедницата во која што сите заедно живееме. Фотоволтаичната централа ќе придонесе во неколку важни сегменти од работата на училиштето -  намалување на  потрошувачката на електрична енергија, заштита на животната средина преку користење на обновливи извори на енергија, како и подигање на свеста кај учениците за важноста од употребата на одржливи енергетски решенија. Оваа донација претставува долгорочна инвестиција во иднината на училиштето, обезбедувајќи одржливи придобивки, не само за идните генерации на ученици, туку и за целата заедница, изјави на свеченоста Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во „ОКТА“.

Вкупната инсталирана моќност на новата фотоволтаична централа изнесува 21,8 киловати и може годишно да произведе и до 26,5 мегаватчасови електрична енергија, што претставува значаен дел од енергетските потреби на ова училиште.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, се заблагодари за донацијата, истакнувајќи дека изградбата на фотоволтаична централа на покривот на училиштето претставува круна на активностите кои што во изминатиот период овозможија тоа општинско училиште да добие нов и современ изглед.  

-Со оваа донација, ќе се постигне навистина значајна заштеда на енергија и ќе се намалат трошоците на училиштето, што секако за нас има големо значење, бидејќи со тоа остануваат повеќе средства за подобрување на образовниот процес, рече Пецаков.

Изминатиот месец „ОКТА“ донираше фотоволтаична централа за градинката „Пепелашка“ во општина Центар, а наскоро компанијата ќе се реализираат уште две донации од тој тип, односно  фотоволтаична централа за образовна установа, како и соларен полнач и паркинг за велосипеди што ќе биде поставен во кампусот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

До крајот на годината компанијата „ОКТА“ планира да  отпочне и со изградба на фотоволтаична централа во кругот на компанијата, со моќност од 12 мегавати. Почнувајќи од 2018 година, „ОКТА“ има инсталирано пет фотоволтаични постројки кај свои деловни партнери со вкупна моќност од 611 киловати. аб/дма/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан