• петок, 08 ноември 2024

Предавањето „Во потрага по убавината на Палестина за време на окупација“ на „КРИК – фестивал“

Предавањето „Во потрага по убавината на Палестина за време на окупација“ на „КРИК – фестивал“

Скопје, 9 септември 2023 (МИА) - Cо предавањето „Во потрага по убавината на Палестина за време на окупација“ на Раед Саадех, започнува вториот дел од осмото издание на „КРИК – фестивал за критичка култура“, во организација на „Контрапункт“ што годинава се одржува на тема „Заробени во слободата – уметноста и заедницата“. Предавањето ќе се одржи вечер во 20 часот во КСП „Центар – Јадро“.

-За да се заштити континуираното постоење на Палестинците како окупирана нација и нивната политичка иднина, како и да се зачува нивното материјално и нематеријално наследство, особено во позагрозените области, оние кои се блиску до населбите, но и во оддалечените области, од витално значење е да се бараат карактеристични елементи кои ги формулираат специфичните идентитети на овие потенцијални дестинации со културно наследство, каде туризмот може да се согледа како алатка за издржливост и развој. Ова предавање ќе се обиде да претстави пристап кон одржлива сензибилизација на специфичните културни идентитети на овие локалитети и методологија за селата, градовите и другите заедници, со цел да се формулира стратегија на одржливост и развој, се вели во соопштението за настанот.

Раед Саадех е активист и застапник на туризмот во заедницата и зачувувањето на културното наследство во Палестина. Првично обучен како машински инженер дипломирал на Универзитетот Сиракуза, во Њујорк, по што магистрирал на Универзитетот Кејс Вестерн Резерв, во Кливленд. Тој е ко-основач и член на одборот на „Палестинскиот уметнички суд“, член на одборот на Фондацијата за современа уметност „Мамал“, претседател на организацијата „Sunbula“ за фер трговија и развој на ракотворби и ко-основач и поранешен претседател на „Yabous Productions“ за изведувачки уметности. Неговите сегашни напори се фокусирани на развивање на концептот на туристички одбор на Алкудс/Ерусалим, кој е наменет да ги максимизира економските придонеси и придобивки на локалната заедница во Алкудс.

Како и во последните неколку години, КРИК се одвива во неколку кластери низ годината, бидејќи обидот да ја живееме и поттикнуваме критичката култура не може да биде еднократен - тоа е влог кој трае континуирано и постојано.

-Низ разни теориски, уметнички и социјални практики ќе ги испитуваме и истражуваме, формите на рабните, субверзивни стратегии на алтернативни простори на слободата кои ќе стојат наспрема репресивните општествени и институционални форми кои го контролираат нашето слободно време, сфатено како време во кое ги остваруваме нашите императивни цели, поврзано со создавањето на општествени заедници кои се грижат за заедничкото добро, за зелените политики аплицирани во сите сегменти на заедницата и кои сакаат да ги редефинираат актуелните, капиталистички, „пазарни“ политички концепти кои безмилосно газат врз сѐ што треба да го создава емпатичниот, праведен и солидарен поредок, информираат од КРИК.

Тимот на КРИК го формираат Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана, Петар Милат, Станимир Панајотов, Наташа Гелева и Ѓорѓе Јовановиќ. дма/

Фото: КРИК - фестивал за критичка култура 

Остани поврзан