• сабота, 23 ноември 2024

Прв неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев (ДПЛ)    

Прв неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев (ДПЛ)     

Киев, 2 октомври 2023 (МИА) – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска ги покани министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на состанок во Киев. Тоа ќе биде прва таква средба што ќе се одржи надвор од ЕУ. 

- Денеска ги повикувам министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев, на првиот состанок на сите 27 земји членки надвор од ЕУ. Иднината на Украина е во ЕУ, напиша Борел на Х. 

Тој претходно истакна дека од средбата не треба да се очекуваат одлуки, бидејќи се работи за неформален состанок, кои најчесто се посветени на подлабоки политички дискусии, а не на носење конкретни одлуки. 

Запрашан дали на состанокот ќе биде донесена одлука за доделување помош од 20 милијарди евра за Украина, тој наведе дека одлуката ќе биде донесена, но не прецизираше кога. 

- Нашата поддршка не зависи од тоа како ќе се одвива војната во следните денови и недели. Мораме да обезбедиме постојана и структурна поддршка, бидејќи се соочуваме со егзистенцијална закана за Европа, изјави Борел во Киев во пресрет на состанокот. 

Според дипломатски извори, како што јави дописникот на МИА од Брисел, главни теми на средбата се очекува да бидат евроинтеграцијата на Украина и преземање на некои итни мерки за поддршка на земјата, како што е испраќање воена помош и дополнително заострување на санкциите кон Москва. 

Покрај неформалниот состанок на кој ќе присуствува и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ се очекува да се сретнат и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. 

Борел во саботата ненајавено го посети украинскиот пристанишен град Одеса на Црното Море, каде што ја осуди, како што рече, „варварската“ штета предизвикана од неодамнешните руски напади врз градот. 

Тој при тоа одново упати критики на сметка на Москва поради прекинот на Црноморскиот договор за житото. 

- И покрај сето тоа, Украина продолжува да биде најголемиот снабдувач со жито на Светската програма за храна, а тоа е уште една причина да продолжиме да ја поддржуваме Украина, додаде Борел. 

По Одеса, вчера Борел допатува во Киев од каде најави дека ЕУ ќе ја зголеми воената поддршка за Украина, откако американскиот Конгрес во саботата го усвои Предлог-законот за финансирање, од кој е исклучена помошта за Украина. 

- Да видиме што ќе се случи во САД, но од наша страна ќе продолжиме да ја поддржуваме и да ја зголемуваме нашата поддршка, изјави Борел во коментар на одлуката на Вашингтон. 

Тој додаде дека „Украинците се борат со сета своја храброст и капацитет и ако ЕУ сака тие да бидат поуспешни во тоа мора да им обезбеди „подобро и повеќе оружје“. 

Дипломатската служба на ЕУ на почетокот на летото предложи создавање наменски Фонд за помош на Украина, со цел да се обезбеди поддршка на земјата во следните четири години со по пет милијарди евра годишно. Предлогот се уште не е одобрен од сите земји членки на ЕУ, а по него ќе се дебатира и на овонеделното заседание на Европскиот парламент. сп/ 

Фото: ЕПА 

 

Остани поврзан