• сабота, 23 ноември 2024

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа околу 2.000 амандмани на законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа околу 2.000 амандмани на законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата
Скопје, 10 мај 2021  Денес сакаме да ја информираме јавноста дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе околу 2000 амандмани на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Како одговорни пратеници досега во неколку наврати повикувавме и апелиравме до Владата, Министерството за одбрана и министерката Шекеринска дека овој предлог закон кој што е во собраниска процедура не е добро законско решение и дека има одредени аномалии и недостатоци. Сепак, владата и министерството за одбрана упорно немаат слух и разбирање за нашите барања и забелешки кои се исклучиво во интерес на Армијата на Република Македонија. Од тие причини, нашата пратеничка група поднесе околу 2000 амандмани бидејќи во ова предлог законско решение не се вметнати и опфатени нашите забелешки. Со поднесувањето на овие амандмани нашата цел е да ја натераме Владата, министерството за одбрана и владејачкото мнозинство да размислат и да ги прифатат нашите суштински забелешки и амандмани со што воениот и цивилниот персонал на Армијата ќе ги остварат своите права, признати во меѓународното право и загарантирани согласно Уставот на Република Македонија. Нашите барања и суштински забелешки преточени во амандмани на овој Предлог закон се јасни и конкретни. Имено, целта на нашите амандмани е подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Доколку ова не биде на овој начин регулирано како што бараме, ќе се појави контрадикторност и ќе се изгуби смислата од потребата на бенифицираниот стаж. Исто така, бараме и предлагаме да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеке во времето на остварување на правото на пензија. Со ваквото законско решение во целост би се испочитувала темелната и основната вредност на уставниот поредок во Македонија односно ќе се испочитуваат основните слободи и права на човекот утврдени во нашиот Устав, каде јасно и прецизно пишува дека сите ние сме еднакви пред Уставот и законите во Република Македонија. Оттука, како пратеничка група сметаме дека токму поради нашите аргументирани и издржани забелешки, Министерството за одбрана и министерката Шекеринска ќе имаат слух и доблест и ќе ги прифатат нашите суштински амандмани се со цел да се одблокира процесот, како и да се подобрат условите за професионалните војници во Армијата за да си ги остварат своите права кои им следуваат. Од друга страна, исто така со цел да се дојде до конечно добро и прифатливо законско решение сакаме да ја информираме јавноста дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има поднесено исто законско решение како предлогот на Министерството за одбрана надополнет со нашите предлози. Ова е исклучително важно бидејќи македонската јавност мора да знае кој искрено се бори за подобро утре на сите граѓани, а кој само се расфрла со празни ветувања. Во таа насока, потенцираме дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да дозволи повторно да биде лажно обвинета за блокирање на Собранието или пак лажно обвинета дека е против Армијата на Република Македонија, против војниците и против подобрување на условите во Армијата. Нема да дозволиме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за арогантноста и неспособноста на Владата. На крајот, како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сакаме да упатиме јасна и недвосмислена порака до Владата, Министерството за одбрана и колегите од владејачкото мнозинство дека за позитивен исход и позитивно законско решение има две опции. Да го прифатат и поддржат нашиот Предлог закон со сите горенаведени суштински забелешки кој впрочем е ист со предлотот од Владата или пак втората опција, да ги прифатат нашите суштински амандмани и веднаш, час поскоро сите заедно да го изгласаме и донесеме ова законско решение со кое ќе се излезе во пресрет на барањата и потребите на персоналот во Армијата на Репбулика Македонија. Ова е шанса за Владата предводена од Заев и СДСМ да покаже дали има искрена и чесна намера или пак само декларативно и напразно се залага за подобри услови на припадниците на Армијата на Република Македонија. Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ _________________________________________________________________________________________МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан