• сабота, 23 ноември 2024

По тробојот за „бронзата“, неизвесна трка и за шестото место во Европарламентот

По тробојот за „бронзата“, неизвесна трка и за шестото место во Европарламентот

Брисел, 4 мај 2024 (МИА) – Најновото истражување на „Јуроп Електс“ за расположението на јавното мислење во пресрет на јунските Европски избори, спроведено кон крајот на април, покажува дека продолжува тесната и неизвесна трка за тоа која партиска група ќе биде трета по бројност во новиот состав на Европскиот парламент, но се разгорува и битката меѓу Зелените и Левицата за избегнување на „титулата“ најмалубројна пратеничка група. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, анкетата покажува дека десноцентристичката група на демохристијански и умерени конзервативни партии, Европска народна партија (ЕПП) го задржува неприкосновениот примат како најбројна пратеничка група, иако губи еден мандат во однос на истражувањето од крајот на март и сега би имала 183 европратеници. Ова и дава изгледни шанси на актуелната претседателка на Европската комисија и т.н. „шпиценкандидат“ на ЕПП, Урсула фон дер Лајен да добие втор мандат на сегашната функција. 

„Вицешампион“ е група Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), која ја сочинуваат социјалдемократската Партија на европските социјалисти (ПЕС) и неколку лево центристички, прогресивни и левичарски партии кои не се членки на ниту една европска партиска групација, која според истражувањето би освоила 140 мандати или пет повеќе споредено со пред еден месец. 

„Не“ за започнување преговори со Украина и „не“ за нови средства за Киев од европскиот буџет – во пресрет на самитот на ЕУ, унгарскиот премиер и натаму стои цврсто на своите ставови. Дали има

Ако, првите две места не се спорни, кога станува збор за тоа која група ќе биде третопласирана, анкетата покажува, разжестување на борбата со приближување на изборите. Така, групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која ја сочинуваат членки на национал-конзервативната и десничарска Партија на европските конзервативци и реформисти (ЕЦРП), конзервативното Европско христијанско политичко движење (ЕЦПМ) и неколку националистички, десно популистички, конзервативни и евроскептични партии без европска партиска афилијација, која на досегашните анкети беше петта по бројност, сега добива пет пратеници повеќе споредено со крајот на март и и се предвидуваат 86 мандати.  

Со ова, ЕЦР предводена од италијанската премиерка Џорџа Мелони би имала ист број европратеници со либералната група „Да ја обновиме Европа“, која губи едно место во однос на пред еден месец. „Да ја обновиме Европа“ ја сочинуваат либералната Алијанса на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ), центристичката Европска демократска партија (ЕДП) и независни либерални и центристички партии, меѓу кои најзначајна е Ренесанса (РЕ) на францускиот претседател Емануел Макрон. На сите досегашни евроизбори пратеничката група на европските либерали беше трета по бројност. 

Групата на националистички, десно популистички, екстремно десничарски и евроскептични партии Идентитет и демократија (ИД), предводена од францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, Алтернатива за Германија (АФД) и Лигата на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, на априлската анкета добива две места повеќе споредно со март и може да се надева на 84 европратеници. Инаку, на сите истражувања на „Јуроп Електс“ од декември минатата година, па се до она од крајот на март, ИД беше трета по бројност група со предност од десетина пратеници пред либералите и ЕЦР. 

null

Трендот на незадоволство на Европејците од еколошките политики на ЕУ се манифестира врз популарноста на групата Зелени – Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА), која во април губи четири пратеници и се сведува на 48 мандати. Три мандати помалку отколку во март и се предвидуваат на групата „Левица во Европскиот парламент“, кој сега може да очекува 44 места, со што останува неизвесно која од овие две групи ќе биде шеста по бројност, посебно имајќи предвид дека Левицата би можела дополнително да привлече некоја од малите левичарски партии кои сега не се членки на ниту една групација.  

Групата Зелени/ЕФА ја сочинуваат еколошката Европска зелена партија (ЕГП), Европска слободна алијанса (ЕФА), која обединува регионални и малцински партии, како и Европската пиратска партија (ППЕУ), социјал-либералната Волт Европа (Волт) и партијата Политика на животните ЕУ (АПЕУ), додека во Левицата членуваат социјалистичката, комунистичка и лево популистичка Партија на европската левица (ПЕЛ), социјалистичката и еколошка Нордиска зелено лева алијанса (НГЛА), лево популистичкото движење Сега народот! (МЛП) и неколку комунистички, социјалистички и троцкистички партии без европска партиска припадност.  

Од останатите 49 места, 48 мандати, исто како и на крајот на март, би им припаднале на партии кои не се членки на ниту една група, меѓу кои позначајни се италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), национал-конзервативната и десно популистичка Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, двете словачки партии исклучени од СД – лево популистичката и националистичка Насока-Социјална демократија (Смер-СД) на премиерот Роберт Фицо и социјалдемократската Глас-Социјална демократија (Хлас) на новоизбраниот претседател на Словачка, Петер Пелегрини, како и новоформираната германска Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ). 

Истакнатата опозиционерка во Германија, Сара Вагенкнехт, денеска основа нова партија која комбинира левичарска економска политика и отпор кон мигрантите и може да биде конкурент на екстремно

Италијанското М5С преговараше со Зелените за пристапување кон оваа група, но преговорите не вродија со плод, додека Фидес најави дека по изборите би сакала да се приклучи кон ЕЦР, што не наиде на поддршка на сите членки на групацијата. Зара Вагенкнехт, пак, најави амбиција нејзината БСВ да формира нова левичарска група во Европскиот парламент. 

Последното место во Европарламентот, според априлската анкета на „Јуроп Електс“ би и припаднало на левичарската националистичка и евроскептична партија Курс на слободата (ПЕ) на поранешната претседателка на грчкиот Парламент и некогашна членка на Сириза, Зои Константопулу, која официјално се води како „неврзана партија“. 

Инаку, пратеничка група во Европскиот парламент може да формираат најмалку 23 пратеници, кои при тоа мора да доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ или во сегашниот случај од најмалку седум. сп/

Фото: Јуроп Елекст/МИА Архива

Остани поврзан