• сабота, 23 ноември 2024

По повод Светскиот ден на детската литература, онлајн-разговор со професорката Весна Мојсова-Чепишевска

По повод Светскиот ден на детската литература, онлајн-разговор со професорката Весна Мојсова-Чепишевска
Скопје, 1 април 2021 (МИА) - Каква е состојбата во домашната литература за најмладите, колку денешните деца се заинтересирани да читаат, и како семејството и училиштата можат да помогнат да се стимулираат читачките навики? Овие прашања ќе бидат дискутирани на денешниот онлајн разговор со професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Весна Мојсова-Чепишевска, во пресрет на Светскиот ден на литература за деца - 2 април, на Фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Од издавачката куќа информираат дека разговорот ќе го води уредничката во „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, која досега има работено на голем број книги наменети за деца, од македонски и странски автори.
Весна Мојсова-Чепишевска е директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ). Авторка е на околу 350 објавени трудови во домашни и странски книжевни списанија, како и на седум книги. Таа е и приредувач на седум антологии, од кои пет надвор од Македонија.
Светскиот ден на литература за деца се одбележува секоја година на втори април, роденденот на данскиот книжевник и писател на бајки, Ханс Кристијан Андерсен, автор на безвременските бајки со универзални пораки помеѓу кои се: „Малата сирена“, „Снежната кралица“, „Принцезата на зрно грашок“, „Девојчето со кибритчињата“ и „Палешка“. ар/ац/

Остани поврзан