• вторник, 26 ноември 2024

Почна реконструкција на малиот градски плоштад во Куманово

Почна реконструкција на малиот градски плоштад во Куманово

Куманово, 25 јануари 2024 (МИА) - Почна реконструкцијата на малиот градски плоштад во Куманово. Екипите на избраната градежна компанија се на терен. Плоштадот е заграден и се одвиваат активности.

-Започнавме со реконструкција на малиот градски плоштад. Плоштадот ќе блесне во полн сјај, притоа задржувајќи го автентичниот изглед со сите свои значајни спомен- обележја, информира кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Предвидено е на малиот плоштад да се смени подлогата, да се замени урбаната опрема, канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да има целина со зоната на малиот плоштад. Во иднина возачите ќе ги оставаат возилата на катната гаража и кај „скопски дуќани“, појаснија претходно од секторот за урбанизам.

Според електронскиот систем за јавни набавки општината од буџетот за реконструкција на плоштадот одвои 47.599.999,94 денари и избрана е скопската компанија „Ленди Груп Дооел“. Претходно, во септември лани беше поставена ограда за санација на плоштадот, а по кус период  беше отстранета. Тогаш, од општината информираа дека ќе продолжат со санација по завршување на фестивалот „Денови на комедија“.

Изведувачот е должен да ги заврши работите за 180 работни дена. ам/мд/

Фото: МИА и Општина Куманово

Остани поврзан