Почна расчистување на диви депонии во Кумановско
- Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ почна со акциски расчистувања на дивите депонии во руралните средини, соопштија денеска надлежните.

Куманово, 26 септември 2022 (МИА) - Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ почна со акциски расчистувања на дивите депонии во руралните средини, соопштија денеска надлежните. Според проценките на претпријатието, во градот и околината има над десетина поголеми и 40-ина помали депонии. Изминатава недела се исчистени депонии во Горно Којнаре и Табановце.
- Преку грант со задолжување од Светска банка општината набави опрема која се користи за расчистување на дивите депонии. Во текот на оваа недела планирано e чистење на дивата депонија на влезот на населбата Перо Чичо. Екипите веќе се на терен, се работи на чистење на улицата „Ѓорче Петров“, а утре, доколку дозволат временските услови, започнуваме повторно по којзнае кој пат ќе се чисти депонијата. Упативме безброј апели до граѓаните, меѓутоа таму повторно продолжува истиот тренд на создавање на таа депонија, која претставува проблем особено за жителите коишто живеат во населбата, изјави Даниел Стојчевски, директор на претпријатието.

