Почна комисиската седница за проверка на кандидатурите за членови на Програмскиот совет на МРТ, ќе продлжи по дадената пауза
- Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања денеска ја почна седницата за Проверка на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 55/2025), но пред да почне расправата за првиот кандидат на листата дадена е едночасовна пауза.

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања денеска ја почна седницата за Проверка на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 55/2025), но пред да почне расправата за првиот кандидат на листата дадена е едночасовна пауза.
Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, информира дека двајца од кандидати ги повлекле кандидатурите, а за преостанатите 37 кандидати кои се пријавиле на Јавниот конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, Комисијата треба да утврди дали сите ќе се претстават пред Комисијата за прашања на избори и именувања во зависност од тоа колку од нив ги исполниле условите од јавниот оглас.
Сајкоски ја отвори расправата за првиот на листата на кандидати, дипломираниот новинар Гајур Рамадани, кој доаѓа од Гостивар, кој, како што кажа нема доставено изјава заверена на нотар за исполнување на условот на член 119 од Законот за АВМУ.
На барање на еден од членовите на Комисијата поради тоа што не им биле доставени материјалите, дадена е едночасовна пауза.
Програмскиот совет на МРТ има 13 членови кои ги избира Собранието по предлог на овластен предлагач. Советот има претседател и заменик претседател. Собранието ги избира со двотретинско мнозинство. Мандатот на членовите на Програмскиот совет е пет години со право на уште еден последователен мандат.
За да ги исполнат условите кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ треба да се државјани на Република Северна Македонија, да имаат високо образование, работно искуство од најмалку осум години во струката, кои се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет.
Кандидатите треба да достават изјава заверена на нотар дека ги исполнуваат условите од ставот 1 на оваа точка, односно од членот 117 став (2) од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и документи како докази со кои ќе го докажат нивното исполнување. Тие се должни да достават кандидатура во која детално го наведуваат своето работно искуство и писма на поддршка од: најмалку две граѓански организации кои се активни подолго од пет години во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата и кои постигнале релевантни резултати во областа во која дејствуваат или најмалку едно новинарско здружение или најмалку две здруженија од областа на културата (здруженија на ликовни уметници, писатели, филмски работници и слично) или релевантно здружение, асоцијација или комора од областа на информатичко - комуникациски технологии и услуги или најмалку две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, уметноста, економијата или правото.
Кандидатите треба да достават акти за основање и регистрација на организациите, здруженијата и установите кои дале поддршка за нив и документи дека ги исполнуваат барањата од ставот 1 на оваа точка.
При кандидирањето треба да се има предвид членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој се однесува на тоа кој не може да биде член на Програмскиот совет на МРТ, односно на неспоивост на функции.
Кандидатите со кандидатурата доставуваат изјава заверена на нотар во која наведуваат дека ги исполнуваат сите услови за спречување на конфликт на интереси од членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. вг/ац/
Фото: принтскрин