• сабота, 16 ноември 2024

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Здружението на правници

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Здружението на правници

Скопје, 16 октомври 2924 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и претседателот на Здружението на правници, Горан Коевски потпишаа Меморандум за соработка. 

Со потпишувањето на Меморандумот, како што информираат од Уставниот суд,  ќе се интензивира соработката помеѓу судиите, советниците и членовите на Здружението преку организирање на едукативни работилници за размена на информации за правото на ЕУ и други меѓународни организации чија улога е клучна во градењето на механизмите на заштита на човековите слободи и права. 

-Оваа соработка се реализира во период кога Уставниот суд одбележува значаен јубилеј, 60 години од основање и крајната цел е унапредувањето на уставно-правната култура во нашата држава и Судот ги отвора вратите за соработка и со струката, со правниците, рече Костадиновски.  

-Целта ни е идентична, да ја слушнеме, да ја консултираме правната мисла за важни уставно-правни предизвици кои ни се појавуваат во анализите на иницијативите од граѓаните и барањата за заштита на слободите и правата. Со Здружението на правници на Република Северна Македонија несомнено споделуваме една заедничка мисија, заедно да придонесеме и да го заштитиме владеењето на правото, развојот на демократијата и на демократските принципи и почитување на  човековите слободи и права. Да придонесеме во нашето општество да се подигне и да се врати довербата на јавноста во судската власт, судиите и во правничката професија воопшто, потенцираше Костадиновски. 

Претседателот на Здружението Коевски ја поздрави иницијативата за соработка  од страна на Уставниот суд, и ги претстави идеите за заеднички активности.

-Особено ми е чест што во нашите дебати на исклучително значајни теми и општествени прашања ќе вклучуваат и судии на Уставниот суд чие мислење е повеќе од добредојдено. Ме радува фактот што правната мисла ќе биде добие на вредност, па преку заеднички организирани настани ќе се дадат одговори на суштински прашања кои не’ засегаат сите, рече Коевски. 

Се најавува можност за поактивно учество на членовите на Здружението на јавните расправи и подготвителни седници на Судот за прашања од заеднички интерес на сите граѓани. 

-Уставните судии се подготвени да ги споделат своите искуства, дилеми и предизвици со кои се соочиле или соочуваат при носење на своите одлуки по одделни спорни, уставно-судски прашања, преку активно учество на годишните средби на правниците во организација на Здружението или друг вид на настани во заедничка организација, најави претседателот на Судот, Костадиновски. дма/са/

Фото: Уставен суд

Остани поврзан