• сабота, 23 ноември 2024

Потпишани договорите за нова германско холандска инвестиција на Бреинчајлд

Потпишани договорите за нова германско холандска инвестиција на Бреинчајлд

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски и сопственикот и менаџер на Бреинчајлд, Ралф Хенинг Гросел денеска потпишаа договори за државна помош за два одделни инвестициски проекти. Станува збор за компанијата Бреинчајлд, која е формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија, кои креираат глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. 

Брендот Бреинчајлд во нашата држава има формирано две компании - Бреинчајлд Продукција во 2020 година и Бреинчајлд Производство во 2022 година.

-Можеме да објавиме нова инвестиција, која ја најавив пред неколку недели. Се работи за германско холандска инвестиција која ги потврдува нашите напори за развивање на економијата и иновациите на пазарот, рече Мицкоски на денешната прес-конференција, по потпишување на договорите.

Тој информираше дека Бреинчајлд Продукција е компанија која се занимава во активности за истражување и развој на новите производи, преку користење на уникатни репроматеријали, а со цел добивање на специфичен материјал кој е потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Инвестицијата е лоцирана во Битола, во постоечки објект со големина од 1500 метри квадратни.

Инвестицискиот план, како што посочи, вклучува вложувања во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и набавка на нова современа опрема и машини. Согласно деловниот план и договорот за државна помош, предвидено е компанијата да инвестира вкупен износ од најмалку 2.500.000 евра во период од пет години, при што се планирани околу 40-тина висококвалификувани нови работни места.

Бреинчајлд Производство е компанија која се занимава со сериското производство на опремата и елементите.

Мицкоски напомена дека планот на сопствениците е да изградат целосно нов објект со големина од 3000 метри квадратни во индустриската зона Жабени кај Битола и да вработат околу 200 лица. Според инвестицискиот план, почетокот на градбата се очекува да биде во 2025 година, а во текот на следните пет години да се заокружи инвестициски циклус од околу 8.500.000 евра. 

-И покрај изградбата на новиот сопствен објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува постоечката лабораторија за развој на нови производи и производни процеси, како и за испитување и создавање на одржливи материјали, рече Мицкоски.

Тој додаде дека како дел од активностите за поврзување со локалната заедница, Бреинчајлд отвори специјализирана школа за шиење на напредни материјали која служи како своевиден тренинг центар за планираните активности на компанијата. Покрај тоа, брендот Бреинчајлд е силно посветен на одржлив и еколошки процес преку користење на рециклирани материјали како суровини и процеси кои елиминираат некои стандардни производни пракси штетни за околината.

-Продолжуваме понатаму да се бориме за секое работно место и секоја инвестиција која ќе биде поткрепа на економијата, додаде Мицкоски.

Сопственикот и менаџер на Бреинчајлд, Ралф Хенинг Гросел на прес-конференцијата денеска за заблагодари на Владата за поддршката, посочувајќи дека од денес почнуваат ново поглавје со кое ќе можат да ги исполнат зацртаните цели.

-Благодарам на Владата за поддршката. Со ова може да се реализира нашата визија за одржливи производи и компоненти за спорт. Од денес почнуваме ново поглавје и се надеваме дека ќе можеме да ги исполниме нашите зацртани цели, додаде Хенинг Гросел.бт/аа/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан