• петок, 27 декември 2024

Портпаролот на генералниот секретар на ОН изрази загриженост поради израелските напади во Јемен

Портпаролот на генералниот секретар на ОН изрази загриженост поради израелските напади во Јемен

Њујорк, 27 декември 2024 (МИА) - Портпаролот на генералниот секретар на ОН, синоќа ја осуди ескалацијата меѓу Израел и Јемен и рече дека израелските воздушни напади врз меѓународниот аеродром во Сана, пристаништата на брегот на Црвеното Море и јеменските електрани се причина за загриженост.

Израел синоќа соопшти дека нападнал повеќе цели поврзани со бунтовниците хути поддржани од Иран во Јемен, вклучително и меѓународниот аеродром во Сана, а медиумите на хутите соопштија дека најмалку шест лица биле убиени.

„Израелските воздушни напади врз меѓународниот аеродром Сана, пристаништата на Црвеното Море и електраните во Јемен се особено загрижувачки“, рече портпаролот на Гутереш на брифингот, истовремено изразувајќи загриженост за ризикот од понатамошна ескалација во регионот.

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека се качувал во авион на аеродромот кога аеродромот бил нападнат. Според него, еден член од екипажот на авионот е повреден.

Израелските вооружени сили соопштија дека освен аеродромот, нанеле удари и врз воена инфраструктура во пристаништата Ходеида, Салиф и Рас Канатиб на западниот брег на Јемен. Нападнати биле и електрани во таа држава. зш/

Остани поврзан