• понеделник, 16 декември 2024

Пораки од претставниците на ЕУ и ОН во земјава: Човековите права треба постојано да се практикуваат и уживаат

Пораки од претставниците на ЕУ и ОН во земјава: Човековите права треба постојано да се  практикуваат и уживаат

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Претставниците на Европската Унија и на Обединетите нации во земјава, Михалис Рокас и Рита Колумбија, денеска на промоција на едукативна видеоигра за човековите права - „Навигатор“, и по повод меѓународниот ден, пратија пораки  за подигање на свеста за нивното значење и за важноста од постојано унапредување на човековите права особено  на најранливите во општеството.

-Човековите права се нешто што никогаш не треба да се земат здраво за готово и треба континуирано да работиме на нив. Ни една секунда не смееме да заборавиме дека многу луѓе секојдневно страдаат од прекршување на човековите права. Ова е ден за промислување, кога е неопходно да најдеме повеќе инспирација за нивната заштита, истакна евроамбасадорот во земјава Рокас.

Посочи дека Универзалната декларација на човековите права и зачетокот на Европската Унија се „истата работа – свет во мир каде што граѓаните можат да имаат просперитет и каде што се е воспоставено на таков начин што ќе ги заштити сите  особено најранливите“.

-Тоа е ден кога промислуваме и размислуваме, затоа што секојдневно имаме вести. Сликите што секојдневно ги добиваме од Сирија и ужасните услови со кои се соочиле затворениците во бруталниот режим и коишто поминале низ неизговорлива тортура, покажува колку безмилосна е природата на диктатурите и авторитарните режими. Знаеме, за жал, дека светот е преполн со такви работи и дека, за жал, постојат луѓе кои се инспирираат од таков вид режими, истакна Рокас.

Се осврна и на родово базираното насилство врз жени и девојчиња  со порака дека „треба многу да се направи“.

-Прво, за да ја покренеме свеста, а второ, за да  сме сигурни дека постојат соодветни механизми за дадат поддршка на оние коишто претрпеле повреда на човековите права и за да ја оствариме колку што можеме побрзо родовата еднаквост односно рамноправност, додаде амбасадорот на ЕУ во земјава.

Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија на промоцијата на едукативната платформа „Навигатор“ нагласи дека Денот на човековите права „е од критичко значење и многу важен за ОН затоа што темелот на Обединетите нации се човековите права“.

-На 10 декември 1948 беше усвоена Универзалната декларација на човековите права од сите земји членки и тоа беше значаен чекор кон мирни, демократски и безбедни општества. Човековите права не треба да ги забораваме ни во другите денови, треба секојдневно да ги помниме, да ги практикуваме и да ги уживаме секојдневно. Но, денес се потсетуваме зошто се толку важни човековите права. Треба да промислиме што се случува надвор од земјата, во земјата и во самите нас. Лично да ги доживееме во рамки на своето семејство, сопствената заедница, во училиште, на факултет..., рече Колумбија.

Порача дека секој треба од себе да тргне во преземањето чекори за заштита на човековите права – „одговорноста не треба да ја ставаме на грбот на другите  и ние само да гледаме“.

-За човековите права не треба да е така – ние треба да бидеме чинители, да преземеме чекори, да направиме сѐ што е потребно за да оствариме промена, додаде претставничката на Канцеларијата на ОН во државава. хс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан